На турнирот ќе настапат младите таленти Гукеш, Еригаиси, Абдусаторов, Кејмер и Прагнананда, кои ќе ги одмерат силите со искусните врвни играчи, како што се Карлсен, Лирен, Каруана, Аронијан, Со, Гири…
85-ОТ ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ
Со денешните партии од првото коло ќе почне годинашново, 85-то издание на традиционалниот и еден од најстарите и престижни шаховски турнири во светот, во холандскиот град Вајк ан Зе, но и најмлад според возраста на учесниците во неговата досегашна историја.
Турнирот, кој го именуваат и како „Вимблдон во шахот “, годинава ќе биде мошне возбудлив, оти на него ќе настапат млади но силни шаховски таленти, како што се Домараџу Гукеш, Арјун Еригаиси, Нодирбек Абдусаторов, Винсент Кејмер и Рамешбабу Прагнананда, кои, пак, ќе ги одмерат силите со искусни врвни играчи, како што се светскиот првак во класичен, забрзан и во брз шах, Магнус Карлсен, претендентот за светската круна, Кинезот Динг Лирен и моментно втор играч во светот, Американците Фабиано Каруана, Левон Аронијан и Весли Со, Холанѓанецот Аниш Гири. Победникот на турнирот, на кој играат петмина од 10-те водечки на јануарската светска ранг-листа на ФИДЕ, Карлсен (прв), Динг (втор), Каруана (шести), Гири (седми), Со (осми), ќе биде познат по одигрувањето на 13. кола.
Годинава турнирот, кој некогаш почнуваше во Бевервијк, а веќе со децении е во приморското летувалиште Вајк ан Зе, го прославува своето јубилејно 85-то издание. Карлсен триумфира на овој турнир повеќе од кој било играч, вкупно осум пати (2008, 2010, 2013, 2015, 2016, 2018, 2019, 2022). Бившиот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд, кој нема да игра годинава, славеше пет пати, Аронијан четири пати (2007, 2008, 2012, 2014), по еднаш Каруана (2020) и Со (2017), а последен Холанѓанец што победил е Жорден ван Форест, во 2021 година.
Од 1938 година победници биле, меѓу другите, и Макс Еве, Бент Ларсен, Тигран Петросијан, Лајош Портиш, Борис Спаски, Михаил Ботвиник, Михаил Таљ, Виктор Корчној, Јан Тиман, Анатолиј Карпов, Васил Иванчук, Владимир Крамник, Гари Каспаров, Веселин Топалов, Сергеј Карјакин…
Годинава пет од 14-те учесници се на возраст од 19 години или помлади. Индијците Гукеш (16) и Прагнананда (17) се најмладите. Германецот Кејмер и Узбекистанецот Абдусаторов имаат по 18 години, Индиецот Еригаиси 19…
Паралелно со овој турнир ќе има и Челинџ-турнир, на кој, меѓу другите, ќе играат талентираниот Словак Јергуш Пехач и Американецот Абхиманју Мишра, кој е најмладиот шахист со освоена велемајсторска титула во историјата (12 години, четири месеци и 25 дена), како и најдобриот бразилски шахист Луис Пауло Супи (26).
Листа на учесници на главниот турнир: Карлсен (2.859 рејтинг-поени), Лирен (2.811), Каруана (2.766), Гири (2.764), Со (2.760), Рапорт (2.740), Аронијан (2.735), Гукеш (2.725), Максудлу (2.719), Еригаиси (2.718), Абдусаторов (2.713), Кејмер (2.698), Ван Форест (2.690), Прагнананда (2.678). Г.И.