На второто издание на Јунајтед-купот од утре до 7 јануари ќе играат 18 репрезентации, а титулата ја брани селекцијата на САД. Тенисерите и тенисерките со настапите ќе освојуваат и поени за листите на АТП и на ВТА, најмногу по 500
ЈУНАЈТЕД-КУП
Неколку недели по завршувањето на годинашната тениска сезона, со ВТА-финалето во Канкун (Мексико) и АТП-финалето во Торино (Италија) во ноември, утре почнува новата сезона, со Јунајтед-купот во два града во Австралија (Перт и Сиднеј), во пресрет на првиот гранслем-турнир Австралија опен (во Мелбурн). Тоа ќе биде второ издание на Јунајтед-купот, на кој ќе играат 18 репрезентации, во кои се најдобрите играчи на листите на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) и на Женската тениска асоцијација (ВТА). Турнирот трае до 7 јануари.
Светските рекети број 1, Новак Ѓоковиќ, и Ига Швјонтек се меѓу многуте ѕвезди на турнирот. Форматот на натпреварување предвидува по еден меч во поединечна конкуренција за мажи и за жени и еден натпревар во мешани двојки на дуел помеѓу две репрезентации, ако е нерешено по поединечните дуели.
Тенисерите и тенисерките со настапите ќе освојуваат и поени за листите на АТП и на ВТА, најмногу по 500. Селекциите се поделени во шест групи (по три во Перт и во Сиднеј). Победниците на групите и најдобрите второпласирани селекции од секој град-домаќин ќе играат во четврт-финалето.
Во првото издание на Јунајтед-купот, играно во декември лани и во јануари годинава, славеше селекцијата на САД, за која настапија Џесика Пегула, Медисон Кис, Тејлор Фриц и Франсис Тиафо.
Состав на групите за второто издание на Јунајтед-купот: група А: Полска, Шпанија, Бразил. Група Б: Грција, Канада, Чиле. Група Ц: САД, Велика Британија, Австралија. Група Д: Франција, Италија, Германија. Група Е: Чешка, Кина, Србија. Група Ф: Хрватска, Холандија, Норвешка. Н.М.