Воведната сезона на Формула 1 имаше седум трки, се возеа од мај до септември 1950 година. Годинава е рекордна, со 24 трки во календарот, а првата е денеска (од 16 часот) во Бахреин
Формула 1 ќе се искачи на нови височини годинава со рекордна должина од 24 трки во текот на јубилејната 75-та сезона, во која првата трка е денеска (од 16 часот) во Бахреин, а сезоната ќе заврши на 8 декември, со трката во Абу Даби, пишува „Скај спорт“.
И сезонава ќе има шест спринт-викенди (во Кина, Мајами, Австрија, САД, Сао Паоло и во Катар), но форматот е променет во обид да се создаде подобар спектакл, пишува „Скај спорт“. Така, по тренинзите во петоците ќе има квалификации за спринт-трката, која, пак, ќе се вози во саботите, пред традиционалните квалификации подоцна во текот на денот, а главната трка ќе биде во неделите.
Дваесетте возачи што ќе ја почнат сезоната во Бахреин ќе бидат сосема истите тие што ја завршија сезоната во 2023 година во Абу Даби, но иако таквата зимска стабилност е крајно невообичаена, можни се измени в година, со оглед на тоа што на 13 возачи им завршува договорот по завршувањето на сезонава, а само Луис Хамилтон, Џорџ Расел, Оскар Пјастри, Чарлс Леклерк, Ландо Норис и Макс Ферстапен официјално досега имаат договори по 2024 година, пишува „Скај спорт“.
Во воведната сезона на Формула 1 имаше седум трки, кои се возеа од мај до септември 1950 година, и тоа шест во Европа (во Велика Британија, Монако, Швајцарија, Белгија, Франција и во Италија) и една во Северна Америка (во САД).
Монако, Монца, Силверстон и Спа се четирите патеки што уште се вклучени во календарот на Формула 1 од таа прва сезона на планетарниот шампионат, иако оттогаш таму се направени многу промени за безбедноста и модификации на распоредот на патеката, а како што се развиваше Формула 1, пристигнаа нови европски и трки во Јужна Америка, Северна Америка, Африка, Азија и во Австралија, пишува Формула 1 на својата интернет-страница.
Актуелен светски првак во Формула 1 е Макс Ферстапен, кој ги освои титулите во 2021, 2022 и во 2023 година. Вкупно 34 возачи досега го освојуваа трофејот за планетарен шампион во Ф1 (половина од нив повеќе од еднаш беа прваци), а рекордери се Михаел Шумахер и Луис Хамилтон, двајцата со по седум титули. Н.М.