Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија како држава и општество мора да внимава на прашањето за уставните измени, бидејќи промените од типот – повеќе народи како носители на државноста, односно воведување повеќе државотворни етнички ентитети (како Бугарите, Албанците и сл.), потоа фаворизирање на едно малцинство над другите и давање уставни привилегии како со некои од амандманите од 2001 година, а сега и најави за нови, па и прашањето за избор на претседател на државата во Собранието итн. – имаат очигледна тенденција да ја видоизменуваат суштината на карактерот на Македонија, од унитарна кон бинационална, односно кон сложена федерална држава. Дали навистина го посакуваме тоа?

Прилог кон процесите на експериментирање со македонскиот устав

Македонија како општество, нација и држава има свои автентични национални вредности, политички континуитет и своја уставотворна традиција, кои во суштина се политички, правен, морален и патриотски компас за насоката по која се движеа минатите генерации, но и трасата по која треба да се движат идните македонски генерации.
Темелите на македонската држава се поставени на 2 август 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, со Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), како самостојна држава Македонија ја стекна својата независност со референдумот од септември 1991 година, при што вековните стремежи на македонскиот народ се олицетворени низ формалноправни акти на самостојна и суверена национална држава на македонскиот народ и на сите малцинства што живеат на територијата на државата.

Уште едно потсетување за АСНОМ како еден најавтентичен македонски национално-политички компас

Доколку се навратиме во минатото, неизбежен е заклучокот дека темелите на современата македонска држава се поставени на 2 август 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, со Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), како и повеќето негови историски одлуки, како што е прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик или Декларацијата за основните права на граѓанинот. Повеќемина историчари, политиколози и правници досега неколкупати посочија дека асномските вредности на македонската држава се автентичниот политичко-општествен и државотворен компас, кој треба да ја определува насоката по која треба да се движиме како општество или нација.
Неколку добро упатени соговорници предупредуваат дека секоја промена на македонскиот устав, како што беа промените со Охридскиот рамковен договор или последните барања за уставни промени (уцените за внесување на Бугарите во македонскиот устав како конститутивен народ или, пак, испорачани ирационални барања од страна на „етноцентрични амбициозни политичари од албанскиот кампус) ја доведуваат во прашање унитарноста на македонската држава и нѐ оддалечуваат од автентичните асномски национални и политички вредности.
Еве, во тој пакет ирационални барања потсетуваме и на неколкуте апсурдни изблици, како она за етничко вработување во приватните компании или барањето за промена на историската содржина во македонските учебници итн., при што неизбежен е заклучокот дека конкретно станува збор за болно амбициозен национализам, етноцентризам, па и сепаратизам, кои се во спротивност со современоста, но и патот што сме го одбрале како општество, интеграцијата на Македонија во Европската Унија, велат нашите соговорници. Неколкумина аналитичари и познавачи на состојби укажуваат дека задоволувањето на овој политички екстремизам преку промени на македонскиот устав, со примена на методи на пасивно-агресивно (а некогаш и активно) т.н. политичко насилство, не само што ќе нѐ оддалечат од европскиот пат туку и ќе го загрозат унитарниот карактер на Македонија и може да го доведат под прашање и опстанокот на самата македонска држава.

Македонија е слободно и правично општество, а доколку се потклекне пред притисоците за уставни измени, тие ќе бидат погубни за државата

Доколку се проследат автентичните македонски национални вредности, политичкиот континуитет и уставотворната традиција може да се заклучи дека уставните промени што се случија со Охридскиот рамковен договор или новите барања за уставни промени немаа основа ниту тогаш, а уште помалку сега. Можеби некаква логика најде меѓународната заедница во даден момент на воен судир, крвопролевање и некаква процена за веројатно регионално прелевање на оружениот конфликт. Тогаш, „меѓународната“ ја најде слабата алка во македонската држава (слаби институции, нефункционални, неефикасни) и ја измоделира ситуацијата на штета на Македонија, но во тој момент – во корист на спречувањето ескалирање на војната. Сите засегнати страни тогаш, и македонската (бранителска) и албанската (агресорска), а и меѓународната заедница си го најдоа својот интерес во Охридскиот договор. Но вообичаено, ад-хок решенијата не се долгорочно квалитетни и состојбите не се решија за на долги патеки, бидејќи сепак за македонската држава и народ беа асиметрични, на нивна штета.
А рака на срце, историски гледано, Македонија како држава или општество отсекогаш ги задоволувала малцинските права. Ова е особено забележливо во Декларацијата за основните права на граѓанинот во која се вели: „Сите граѓани на… македонската држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението. Изборното право на демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, еднаквото, непосредното и личното изборно право.“
Неколку странски експерти ја споредуваат Декларацијата за основните права на граѓанинот со француската Декларација за правата на човекот или со американската Декларација за независност. Во оваа конотација, особено е интересно искажувањето на Волф Ошлис, политички научник и експерт за Источна Европа, дека со АСНОМ – Македонија му покажа на целиот свет колку е способна за самобитна политика, ефикасна заштита и одбрана, мирен соживот, мудра култура и европска соработка.
Во оваа насока се и укажувањата на проф. д-р Виолета Ачкоска дека со Декларацијата за основните права на граѓанинот на националните малцинства им се обезбедиле сите права за слободен национален живот.
– Вака поставената рамноправност на националните малцинства беше доразработена и инаугурирана во сите републички устави, до последниот устав, донесен по осамостојувањето на РМ во 1991 година. Така, уставите од 1946, 1953, 1963, 1974 и 1991 ги регулираат правата на малцинствата со целосно почитување на европските стандарди и меѓународните конвенции. Ова е инаугурирано и во Уставот на Социјалистичката Република Македонија од 1963 година, каде што стои: Припадниците на народностите – националните малцинства што живеат во Социјалистичка Република Македонија cе рамноправни во cѐ и имаат исти права и должности како и Македонците (член 72) – нагласува Виолета Ачкоска.
Доколку се земе предвид македонската уставотворна традиција, која со децении ги задоволуваше и сѐ уште ги задоволува сите европски стандарди за заштита на малцинските права, постојаните барања за уставни промени немаат основа, како што е барањето за избор на претседател на државата во македонското собрание, велат нашите соговорници.

Како со промената на суштинските делови на највисокиот правно-политички акт на една држава директно се влијае на промената на карактерот на државата, па и нејзина дисолуција

Промена на македонскиот устав, на начин и форма како што се наметнуваат, ќе доведе до загрозување на унитарноста на македонската држава, но и опасност од нејзино распаѓање.
Еве еден пример што во целост ја потврдува тезата дека менувањето на Уставот во делот на карактерот на државата или, пак, носителот на државотворноста директно влијае на политичко-правниот систем на таа држава и води кон дисолуција или преобразување или распаѓање на тој државен ентитет.
Тоа може да се потврди и со Уставот на СФР Југославија од 1974 година. Имено, споменатиот устав беше донесен токму изминативе денови, односно на 11 февруари 1974 година. Со тој устав се направија неколку суштински промени во државата и општествената структура на поранешната југословенска држава. Неколку експерти од уставно право посочуваат дека Уставот од 1974 година се занимавал со кодификацијата на економскиот систем според крајниот опсег на теоријата на самоуправниот социјализам, но особени последици произлегоа од одредбите за државната структура на СФРЈ.
Споменатиот устав им даде широки права и овластувања на тогашните југословенски републики, особено на покраините во состав на тогашната Сојузна Република Србија – Војводина и Косово. Новите амандмани ефективно им обезбедиле на републиките и покраините право на вето во Народниот совет на Сојузното собрание. На овој начин уставните измени значително ја промениле државната организација на СФР Југославија, која од федерација се претворила во конфедерација. Неколку познавачи на состојбите посочуваат дека уставните измени од 1974 година подоцна биле користени како правна основа за процесот на распаѓање на СФРЈ и биле различно толкувани од страните за време на оружените судири на територијата на поранешна СФРЈ.
Со Уставот на СФР Југославија од 1974 година беа нарушени единството и целоста на поранешната југословенска држава, а уставните промени подоцна послужија и за различно толкување на правата и должностите на републиките и покраините. Затоа неколкумина аналитичари предупредуваат дека Македонија како држава и општество мора да внимава на прашањето за уставните измени, бидејќи промените од типот – повеќе народи како носители на државноста, односно воведување повеќе државотворни етнички ентитети (како Бугарите, Албанците и сл.), потоа фаворизирање на едно малцинство над другите и давање уставни привилегии како со некои од амандманите од 2001 година, а сега и најави за нови, па и прашањето за избор на претседател на државата во Собранието итн. – имаат очигледна тенденција да ја видоизменуваат суштината на карактерот на Македонија, од унитарна кон бинационална, односно кон сложена, федерална држава. Дали навистина го посакуваме тоа?