Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во секој тим ќе има од шест до девет играчи, меѓу кои најмалку по една шахистка и по еден играч што никогаш не постигнал ФИДЕ-рејтинг од 2.000 поени. На СП ќе настапат повеќе од 350 шахисти за 39 тима, а ќе играат на пример и Лирен, Карлсен, Непомнијашчи, Абдусаторов, Мамедјаров, Дубов, Гришчук, Хоу, Ју, Костењук, Конеру, Лагно, Музичук, Асаубаева…

ЗАБРЗАН И БРЗ ШАХ

Екипното Светско првенство (СП) во забрзан и во брз шах почнува утре во Астана (Казахстан), на кое ќе настапат и светскиот шампион Динг Лирен и најдоброрангираниот светски играч Магнус Карлсен, заедно со ѕвездената постава на супервелемајстори што играат заедно со аматерски играчи, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). По СП 2023 во забрзан шах во Германија, годинава има и турнир во брз шах. За време на СП 2024 ќе има и прослава на штафетата на факелот во чест на стогодишнината на ФИДЕ, изложби, симулации и дискусии.
– Ова ќе биде спектакуларен настан и задоволни сме што се одржува во Казахстан, кој неодамна стана глобален центар за шах. Составот изгледа како светско првенство или шаховска олимпијада, супервелемајстори од целиот свет на едно место. Вклучувањето непрофесионални играчи е важно, бидејќи го отвора шахот за поширока публика и додава непредвидливост на исходите – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Настанот е отворен за секој тим составен според неколку критериуми, како на пример да има од шест до девет играчи, вклучувајќи најмалку една шахистка и еден играч што никогаш не постигнал ФИДЕ-рејтинг од 2.000 поени во стандарден, забрзан или брз шах, пишува ФИДЕ. Секој натпревар се игра на шест табли, а во секој меч секој тим треба да има најмалку една шахистка и еден играч што никогаш не постигнал ФИДЕ-рејтинг од 2.000 поени. СП во забрзан шах (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој потег) се игра во 12 кола. СП во брз шах (три минути, плус две секунди по секој потег) ќе има седум кола, а потоа нокаут-систем, почнувајќи од осминафиналето.

На СП 2023 во забрзан шах титулата ја освои екипата ВР шах, за која годинава настапуваат Карлсен, Јан Непомнијашчи, Јан-Кшиштоф Дуда, Нодирбек Абдусаторов, Хоу Јифан, Прагнананда Р, Александра Костењук, Винсент Кејмер и Вадим Розенштајн. На СП 2024 ќе настапат 39 тима со над 350 шахисти, за награден фонд од 350.000 евра. Според објавените состави, покрај светскиот првак во класичен шах Лирен и некогашниот шампион Карлсен (актуелен планетарен првак во забрзан и во брз шах), ќе настапат, меѓу другите, и уште шестмина од првите 10 на ранг-листата на ФИДЕ за шахисти, Арџун Еригаиси, Непомнијашчи, Абдусаторов (некогашен светски првак во брз шах), Прагнананда Р и Ји Веи, потоа пет од првите 10 на листата на ФИДЕ за шахистки, Јифан Хоу (поранешна светска првенка во класичен шах), Венјун Ју (актуелна светска шампионка во класичен шах и некогашна во забрзан шах), Хампи Конеру (некогашна светска шампионка во забрзан шах), Катерина Лагно и Ана Музичук (двете некогашни светски првенки во забрзан и во брз шах), како и Костењук (некогашна светска првенка во класичен и во забрзан шах), Бибисара Асаубаева (поранешна светска шампионка во брз шах), Шахријар Мамедјаров, Данил Дубов (двајцата некогашни светски прваци во забрзан шах), Александар Гришчук (поранешен светски шампион во брз шах)… Н.М.