Алиреза Фирузја/Фото: ЕПА

ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

На Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот шаховски првак, кој во 14 кола се игра во Торонто (Канада), Индијците Прагнанада Рамешбабу (2.747 рејтинг-поени) и Гујрати Видит (2.727) освоија по цел поен во шестото коло. Прагнанада славеше на дуелот со Нијат Абасов (2.632) од Азербејџан, а Видит го победи Алиреза Фирузја (2.760) од Франција. Другите две партии завршија без победник, Русинот Јан Непомнијашчи (2.758) ремизира со Американецот Фабијано Каруана (2.803), а Домарају Гукеш (2.743) од Индија со Хикару Накамура (2.789) од САД, по што и понатаму водат Гукеш и Непомнијашчи, кои заедно со Каруана засега се и единствените без пораз.
На Турнирот на кандидатките сите четири партии во шестото коло имаа победнички епилог. Поранешната светска првенка (во 2018 година), Жонгји Тан (2.521) од Кина, ја надигра Украинката Ана Музичук (2.520), за своја трета победа и со тоа го задржа водството. Русинката Александра Горјачкина (2.553) беше подобра од Нурѓул Салимова (2.432) од Бугарија, Катерина Лагно (2.542) од Русија победи на дуелот со Индијката Ваишали Рамешбабу (2.475), а Тингџје Леи (2.550) од Кина славеше на мечот со Химпи Конеру (2.546) од Индија.
Табела (мажи): Гукеш и Непомнијашчи по четири поени, Каруана и Прагнанада по 3,5, Видит и Накамура по три, Фирузја и Абасов по 1,5 поен.
Табела (жени): Тан 4,5, Горјачкина четири, Лагно 3,5, Леи три, Ваишали и Салимова по 2,5, Конеру и Музичук по два поена. Г.И.