Фото: „Нова Македонија“

Денот на космонаутиката традиционално беше свечено одбележан пред споменикот на Јуриј Гагарин во скопската општина Карпош.
Амбасадата на Руската Федерација предводена од амбасадорот Сергеј Баздникин одржа свечена церемонија со положување венци кон споменикот на Јуриј Гагарин, чиј 90-годишен јубилеј се одбележува годинава.

Фото: „Нова Македонија“

На настанот присуствуваа почесниот конзул на Русија во Охрид Велимир Стојковски, амбасадорот на Кина Џанг Ѕуо, амбасадорот на Босна и Херцеговина Драган Јаќимовиќ, амбасадорката на Србија Невена Јовановиќ, пратеникот Иван Стоилковиќ, членови на политички партии, делегацијата на компанијата ЛУКОИЛ Македонија, претставници на Рускиот центар при УКИМ, на општествени организации, на медиуми и руски сонародници.

Фото: „Нова Македонија“

Јуриј Алексеевич Гагарин е роден на 9 март 1934 година во Русија. Тој е светски познат космонаут, кој на 12 април 1961 година, во 6 часот и 7 минути по Гринич – 9 часа и 7 минути по московско време, со бродот „Восток“ направи една обиколка околу Земјата. На височина од седум километри, Гагарин беше катапултиран и со падобран се спушти во колхозниот регион од Саратовската Област.

Целиот вселенски лет траел еден час и 48 минути, но останува засекогаш во историјата на човештвото како лет на првиот космонаут во вселената.