Во изминатите децении, од децентрализацијата на локалната самоуправа, во Битола се направени неколку сообраќајни студии и многу проекти за решавање на сообраќајниот неред во градот, но барем досега нема ниту едно решение, кое ќе го реши хаосот со сообраќајот во градот под Пелистер

Битола со многу студии за решавање на сообраќајниот хаос, а ниту едно аплицирано решение

Битола се задушува од возила, а возењето низ градските улици не само што е вистинска уметност туку од ден на ден е и сѐ поризично. Како што во изминатите години се менуваа локалните власти така се менуваа и сообраќајните студии и проектите за да се реши сообраќајниот неред во градот, но ситуацијата ни малку не е поправена.
Поради тоа што Битола е град со старо градско јадро, лимитирани се можностите за решавање на проблемот со сообраќајот. Иако речиси секоја локална самоуправа кога ќе дојдеше на власт се обидуваше на свој начин да го реши хаосот во градот, за жал, барем досега не е изработено ниту едно комплетно сообраќајно решение што ќе го среди сообраќајниот хаос во Битола. Иако со сообраќајните студии се изработуваа разно-разни проекти за подземен влез и излез низ центарот во градот од кај Гроздот до зградата на СДСМ, изградба на подземен паркинг-простор на плоштадот „Гоце Делчев“, потоа изградба на катна гаража, затворање на паркингот на плоштадот и кај Градскиот часовник, изградба на паркинг кај стоковната кука „Јавор“, воведување еднонасочен сообраќај, изградба на велосипедски патеки…, за жал, од сето тоа не е направено речиси ништо.
Засега ниту една сообраќајна студија не го положи тестот на времето, а некои импровизирани сообраќајни решенија не траеја дури ни по неколку часа.

Градот под Пелистер е со над дваесет и пет илјади патнички моторни возила

Во Битола, во која, како што велат, има над 25 илјади патнички возила, веќе е ноќна мора да се стигне од едниот до другиот крај на градот, особено во петок и вторник, кои се пазарни денови. Ако кон тоа се додаде дека сите банки се наоѓаат во самиот центар на градот, како и најголемиот број продавници, бутици, кафулиња, ресторани… и навиките на битолчани со своите автомобили да одат на кафе на Широк сокак, тогаш користењето на возилата е не само потребно туку е нужно зло.
И кога на сето тоа ќе се додаде дека градот под Пелистер нема доволно паркинг-места, тогаш и паркирањето во градот е ноќна мора и понекогаш возачите мора долго да кружат низ градот за да најдат слободно паркинг-место.
Со оглед на тоа што градот нема велосипедски, па ни пешачки патеки, граѓаните се принудени да се движат низ градот со своите автомобили, од кои најголемиот број се со поминат век и го загадуваат градот.
И да биде иронијата поголема, кога во Битола паркинг-местата можат на прсти да се избројат, а иако за тоа беа изработени проекти не се изградија ни подземната ни катна гаража кај хотелот „Македонија“, минатиот Совет на општината донесе одлука да се затворат сегашните паркинг-места во центарот на градот, за тој дел да стане пешачка патека. Но, за жал или за среќа, таквата одлука на Советот не се реализира.
За да се реши сообраќајниот хаос во Битола деновиве се одржа научна трибина под наслов „Претворање на центарот во пешачка зона – Битола учи од Љубљана“. На трибината се дискутираше за тоа како Љубљана го реши хаосот со сообраќајот во главниот град на Словенија.
– Ние го направивме нашето како стручна фела, доставивме студии, стратегии, визии, но потоа реализацијата е она што недостига. Сметам дека недостига политичка волја за да се реши проблемот – изјави проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, професорка на Техничкиот факултет во Битола, на отсекот за сообраќај и транспорт.

Доста од решенија „само на хартија“!

Нејзиниот колега од истиот факултет, проф. д-р Никола Крстановски, смета дека решавањето на сообраќајните проблеми се прави само на хартија и пред избори.
– Ова не сакам да се сфати како политичка критика, само сакам да кажам дека проблеми имаме не само со сегашната локална власт туку и со сите претходни. Како во пракса се одвива планирањето на сообраќајот? Кога ќе дојдат локални избори политичките партии подготвуваат програми со кои настапуваат пред луѓето и во нив нагласуваат и решавање на одредени проблеми во сообраќајот. Решавањето на сообраќајот не се прави во политички програми на хартија туку врз основа на претходно изработена визија, во случајот сообраќајна студија, која долгорочно ќе биде во согласност со деталниот урбанистички план за развојот на градот – смета проф. Крстановски.
Учествувајќи во дебатата, професорот од Љубљана, Јанез Кожул, рече дека Битола има прекрасна пешачка зона, која е жива, но, „кога ќе видите околу, ви станува јасно дека тоа е град што полека пропаѓа“.
Зборувајќи за тоа како Љубљана го реши проблемот професорот Кожул рече:
„Ние го преуредивме јавниот простор во Љубљана. Постепено ги продолживме пешачките зони. Центрите беа најголеми паркиралишта. Нив ги ставивме под земјата и ги „потопивме“ автомобилите. Велосипедот стана ‘рбетот на јавниот сообраќај и конкуренција на автобускиот превоз“.
Во градот каде што има 279.613 жители, трипати повеќе од Битола, преку ден минувале само 117.000 возила однадвор, а со промените постигнале велосипедот да биде најупотребуваното алтернативно превозно средство. Поставиле голем број пунктови со над 1.000 велосипеди за изнајмување каде што првиот час бил бесплатен.
– Одредени улици со асфалт беа прекриени со коцка. Во пешачките зони, доставата на производи се врши на трицикли, со што се отвораат нови социјални работни места – истакна Кожул.
А како да се направи тоа во Битола, кога проектот за изградба на подземни паркинг-места на плоштадот „Гоце Делчев“ и катна гаража зад хотелот „Македонија“, кој го изработи и усвои Советот на Битола, во мандатот на Владимир Талески, ниту претходната градоначалничка Натша Петровска ниту сегашниот Тони Коњановски не сакаа(т) да слушнат да го реализираат. Како да се растовари сообраќајниот хаос, кога речиси цела година советниците од Советот се расправаат меѓу себе дали со парите од ЕУ да се градат велосипедски патеки или да се реконструира ресторанот „Парк“ и кога Битола е еден од ретките градови во државата што нема ниту една пешачка ниту велосипедска патека. Значи останува тоа што не го кажа само професорот од Љубљана, туку и сообраќајните експерти што учествуваа во дебатата, дека проекти и решенија за регулирање на сообраќајниот хаос во Битола има, но барем засега нема политичка волја за тие да се реализираат.