Палењето стрништа е многу опасна работа, бидејќи секој што мисли дека лесно може да го контролира огнот на отворено се лаже и лесно може да стане жртва.
Кај нас сезонското палење стрништа на нивите се применува заради регулирање на квалитетот на почвата, но и за чистење од штетници. Но се покажа дека тоа
е една од поголемите причини за аерозагадувањето, како и за обесшумување, бидејќи често тие наивни пожари се прошируваат и имаат катастрофални последици

Сувото и топло време го актуализира прашањето за нашиот капацитет за ефикасно спротивставување на пожари на отворено

Стабилното суво и доста топло време дополнително ги „запали“ телефонските броеви на Центарот за управување за кризи, бидејќи во изминатиот период имаше доста голем број пожари низ земјава. Најголемиот дел од нив е причинет од човечки фактор, а има и такви што предизвикале поголем пожар како последица на палење стрништа. Изминатите денови, за жал, дури беше регистриран и смртен случај во земјава како последица на тоа.

Деновиве беа регистрирани 20 пожари едноподруго во еден ден

Високите температури се дополнителна причина за загриженост од појава на пожари во земјава и токму затоа граѓаните треба да бидат особено внимателни со догорчињата и палењето огнови на отворено, бидејќи временската состојба е идеална за создавање пожари од големи размери.
Ако ги забележиме статистиките на Центарот за управување со кризи, лесно може да се заклучи дека бројот на пожари на дневна основа воопшто не е за занемарување, бидејќи само изминатите неколку дена имаше по 20 пожари дневно. Исто така, статистиката на ЦУК покажува дека најголемиот број пожари се случуваат во селските подрачја, каде што најчесто има пасишта или пак граѓаните работат земјоделство, па и токму затоа палат огнови за да ги исчистат терените за пасење или сеидба. Она што го имаме како податок е фактот што среде зима, во февруари, во земјава биле регистрирани дури 50 пожари. Ако во 2021 година првите пожари беа регистрирани во мај, годинава првите пожари се појавија во февруари.
Од тие причини од ЦУК секојдневно при споделување на дневните билтени за пожарите упатуваат апел до граѓаните да не палат стрништа и огнови на отворено.

Загубен живот поради запалено стрниште

Неодамна животот го загуби 63-годишен прилепчанец, кој бил пронајден мртов среде опожарена нива, во која, според информациите, тој најверојатно го запалил стрништето.
– Прилепчанецот запалил стрниште на својата нива во месноста Поводенци кај Прилеп. Пожарот излегол од контрола, ги зафатил и другите ниви, но го опфатил и 63-годишниот прилепчанец со иницијали С.Д. Прилепчанецот загинал на местото на несреќата. Екипата на Итната помош само констатирала смрт – изјави јавниот обвинител Стевчо Биноски, кој издал и налог за обдукција на телото.
Палењето стрништа е многу опасна работа, бидејќи секој што мисли дека лесно може да го контролира огнот на отворено се лаже и лесно, како во овој случај, може да стане жртва.
Во изјава за медиумите командирот на ТППЕ Прилеп, Христијан Момироски, истакна дека интервенциите на отворен простор се зголемени за 30 проценти во споредба со минатата година.
– Станува збор за поголем пожар, каде што е изгорена поголема површина на трева, на грмушки, на некои смреки и слично. Периодов што ни следува ќе има високи температури, целото население што е на отворен простор треба да биде внимателно. Значи да не се палат никакви треви, никакви ниви, оти едноставно се загрозува нивниот живот, се загрозува животот на животинскиот и растителниот свет. Во овој случај сопственикот, палејќи ја тревата, си го загрозил и сопствениот живот – изјави тој.
Кај нас сезонското палење стрништа на нивите се применува заради регулирање на квалитетот на почвата, но и за чистење од штетници. Но се покажа дека тоа е една од поголемите причини за аерозагадувањето, како и за обесшумување, бидејќи често тие наивни пожари се прошируваат и имаат катастрофални последици.


Ќе се вработат двајца пилоти во ДЗС

„Нова Македонија“ неодамна пишуваше за сериозноста на состојбата со пилотите што ги управуваат авионите за гасење пожари, бидејќи двајца од тројцата пилоти на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) заминале во пензија. Тоа практично значеше дека оперативната подготвеност на Дирекцијата во период од неколку месеци била сведена само на еден пилот на три авиони.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, за медиумите тогаш изјави дека проблемот може да се реши по изборите, односно по 8 мај, а дотогаш, според него, немало опасност од шумски пожари и немало потреба да интервенираат „ер тракторите“, изјава што се коси со практиката, бидејќи во Дебарско неодамна имаше пожар за кој беше потребна воздушна асистенција, но, за среќа, тој се стиши, па немаше потреба од тоа.
Друга информација до која исто така дојде „Нова Македонија“ говори дека ЦУК кога има потреба од воздушна асистенција, конкретно од авиони на ДЗС, бидејќи теренот се анализира и проценува каква воздушна поддршка е потребна, дали од ДЗС или МВР, заради состојбата со пилотите во Дирекцијата барале помош од хеликоптерите на МВР.
Сепак, во потрагата по одговорите, од владини извори дознавме дека на завчерашната седница на Владата била донесена одлука за вработување двајца пилоти, кои веднаш ќе почнат со работа и со тоа ќе се реши проблемот со недостигот од пилоти во ситуација кога секојдневно се евидентираат над десет пожари.

[email protected]