Значителна делегација од Организацискиот одбор на ЗОИ 2026 беше во Париз за време на ЛОИ, на чело со главниот извршен директор Андреа Варние. „Имавме повеќе од 100 луѓе вклучени во различни активности. Од една страна, учествувавме во програмата за набљудување што ја води ИОК, како и во активностите со Организацискиот комитет, а потоа, се разбира, тука е и аспектот на учење. ЗОИ 2026 ќе бидат единствени затоа што првпат ќе ги носат имињата на два града: Милано и Кортина, спој на урбаните, метрополитенски и глобални компоненти на Милано и традицијата на планините на Кортина, која веќе беше домаќин на ЗОИ 1956, па затоа има богата историја со зимските спортови“, рече Варние
Церемонијата на затворањето на Параолимписките игри во Париз го означи крајот на возбудливото спортско лето во француската престолнина и го иницираше одбројувањето до следниот голем мултиспортски настан, Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина во 2026 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Значителна делегација од Организацискиот одбор на ЗОИ 2026 беше во Париз за време на Летните олимписки игри (ЛОИ), на чело со главниот извршен директор Андреа Варние.
– Имавме повеќе од 100 луѓе вклучени во различни активности. Од една страна, учествувавме во програмата за набљудување што ја води ИОК, како и во активностите со Организацискиот комитет. Потоа, се разбира, тука е и аспектот на учење. Ќе направиме голем состанок во септември, каде што ќе собереме увиди од различни функционални области. Во нашите првични дискусии, она што најмногу нѐ интересира е што се случува зад сцената, бидејќи спортовите и арените се различни. Сепак, операциите зад сцената се многу слични. Научивме неколку клучни лекции за управувањето со олимпиското село и транспортот, кои секогаш се најкритичните аспекти на една ваква сложена организација. Ќе размислуваме за овие области и ќе правиме приспособувања на нашите планови врз основа на ова искуство – рече Варние.
Тој вели дека едно нешто на кое навистина се восхитува е како Париз го искористил градот.
– Тие го искористија Париз на извонреден начин со интегрирање на градот во изградбата на спортските борилишта. За нас ова е потешко, бидејќи нашите спортски арени се различни, но ќе го искористиме максимумот од природната заднина на нашите планини. Што се однесува до градот, и ние имаме важна урбана компонента во нашите Игри со Милано, навикнат да биде домаќин на големи настани. Иако не можеме да создадеме места отворени за градот како Париз, имаме цел да го направиме центарот на Милано активен и ангажиран со неговите жители. Значи, планините во нивното најдобро издание и градот исто така. Овој контраст ќе биде една од интересните и стимулативни карактеристики на нашите Игри – вели тој.
До почетокот на ЗОИ 2026 има повеќе од 500 дена.
– На 19 септември ќе ја почнеме нашата волонтерска програма, која е исклучително важна за нас. До крајот на годината ќе почнеме со продажба на билети, потоа на 6 февруари ќе имаме низа активности… Ќе има и други настани. Овие ЗОИ ќе бидат единствени затоа што првпат ќе ги носат имињата на два града: Милано и Кортина. Ова совршено опфаќа спој на урбаните, метрополитенски и глобални компоненти на Милано и традицијата на планините на Кортина, која веќе беше домаќин на ЗОИ 1956, па затоа има богата историја со зимските спортови. Дополнително, ова ќе бидат првите Игри распространети на многу локации, алпското скијање ќе се одржи во Бормио, познато место за овој спорт, нордиското скијање ќе биде во Вал ди Фиеме, кој беше домаќин на голем број светски првенства и светски купови, биатлонот ќе биде во Антерселва, која се смета за едно од важните места на биатлонот… Во овие места не само што ќе најдеме подобрена инфраструктура туку и огромна страст, интерес и љубов за овие спортови што ќе одекнуваат кај ентузијастите низ светот – рече Варние.