Мурџева-Шкариќ и Тодоровска беа првите девојки со кои во 1960 година почна ерата на женскиот тенис во Македонија. Интересно е дека тие се први братучетки, од две сестри. Рано наутро на терените на ТК Југ во Скопје, па потоа на училиште

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (223)

За женскиот тенис во Македонија сѐ до појавата на Лина Ѓорческа, која создаде и уште создава успешна меѓународна кариера, малку се знаеше. Пошироката спортска јавност дури се прашуваше дали воопшто кај нас имало женски тенис. Но приказната не е таква. Напротив, она што ќе го прочитате во овој запис говори нешто друго, а тоа е дека девојките се занимавале со тенис уште во почетокот од 60-тите години на минатиот век. Јас како активен атлетичар во тие години, речиси секојдневно трчав и тренирав заедно со другите атлетичари на Работнички, покрај терените на ТК Југ во Градскиот парк, но, освен групата тенисери што добро ги познавав, не забележував дека има и девојки. Често со тенисерите се дружев, некогаш и јас ќе го земев рекетот, но никој од нив не спомна дека тука доаѓаат да тренираат и девојки.
Почнувајќи од Сашо Панов, со кого бевме другари од училишните денови, потоа Владо Михајловски-Грицко и Данчо Јанчулев, со кои бевме соседи, исто така и со Драган Јовановски, Гаврил Штериев-Гањо, па и легендарниот чичко Уте, Милутин Ѓуровски, со кого најчесто се среќавав, особено кога ќе протрчав покрај тениските терени, за да го реализирам мојот атлетски тренинг, но никој од нив не зборуваше за двете девојки што редовно доаѓале да тренираат, и тоа во раните утрински часови. Веројатно сметаа дека тоа не е некој куриозитет, а можеби мислеа дека, ете, девојките секојдневно доаѓаат од задоволство без некои амбиции да станат тенисерки. Откако ќе запролетеше, речиси секој викенд се организираа натпревари во сите возрасни категории, но само во машка конкуренција. Тогаш меѓу девојките како да немаше интересирање за тенисот (или, пак, така се мислеше), па од таа причина не се организираа ниту натпревари во оваа конкуренција. Но дали навистина немаше интересирање кај нив или, пак, кај оние што требаше да водат грижа за развојот на тенискиот спорт кај нас, тоа е друго прашање.

ЗОШТО МОЛЧЕА ДОСЕГА

Е, сега интересно е да откриеме кои беа тие две први македонски тенисерки, кои прво од лично задоволство почнале да го удираат белото топче, за потоа да се вклучат во редовните активности на ТК Југ и да ги бранат боите на клубот на сојузните натпревари во поранешната држава. Интересно е да кажам дека и двете, кои се всушност први братучетки, се познати личности во нашиот јавен живот. Ова е уште еден доказ за тоа кога некого гледаме и донесуваме оцена за него најмногу се држиме за оној сегмент од активноста со која доживеале афирмација во општеството, без притоа да помислиме дека зад тие личности се кријат и многу други нешта, кои дејствуваат изненадувачки. Така е и со нашите две први македонски тениски дами Олга Мурџева Шкариќ и Зорица Тодоровска. Првата е позната професорка по психологија, студирала дома, а се усовршувала и го надградувала своето знаење во Париз, а втората е позната македонска модна креаторка, дизајнерка и костимографка, која, исто така, своите знаења во дејноста за која се определила ги добила на Парискиот универзитет. Уште еден доказ колку животниот пат се испреплетува.
За мене е уште почудно што Зорица не само што е голема другарка со мојата сестра, поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска, туку со неа се среќававме низ ходниците на „Нова Македонија“, каде што јас бев уредник на спортската редакција, а Зорица ликовно-графичка уредничка на многубројните изданија што беа продуцирани од некогашната голема новинарска куќа. Но, и покрај честите средби, таа никогаш не спомена дека некогаш играла тенис. Нема и сега да знаев, ако пред извесно време на мојот Фејсбук не се појавеа фотографии, испратени од Олга Мурџева Шкариќ, на кои има две девојки облечени во бела тениска опрема и со рекет во рацете. Тоа ме изненади, особено кога за нив двете видов исечоци од написи во „Нова Македонија“ и новосадски „Маџар со“ (весник на унгарски јазик). Не ми беше тешко, а бидејќи сакам да ја овековечам македонската спортска историја, да ја побарам Олга на Месинџер, која всушност ми ги испрати фотографиите и исечоците од весниците.
– Ова се слики од 1960-1961 година. Тогаш со мојата прва братучетка игравме тенис, но за тоа малку се знае, зашто девојките во тие години, барем кај нас во Македонија, не се занимаваа со овој убав спорт. Но јас и Зорица, бидејќи како братучетки многу се дружевме и често бевме заедно, за да го исполниме денот со нешто корисно, нормално, надвор од учењето, се договоривме да почнеме да играме тенис. Живеевме блиску до паркот, каде што и денес се наоѓаат тениските терени, па некако двете решивме нашата забава да ја најдеме во тенисот – ја почна приказната Олга Мурџева Шкариќ.
Потоа, Олга Мурџева продолжи со својата приказна, сѐ додека јас не ја запрев. Некако ме скокоткаше она презиме Шкариќ, па ја запрашав: Што Ви е професорот Светомир Шкариќ, гледам на вашето моминско го имате додадено и ова презиме.
– Многумина, се разбира оние што помалку ме познаваат, ме прашуваат за истото тоа. Па, Шкариќ ми е сопруг.
Ова беше можеби очекувано, но и малку зачудувачки за мене. Си помислив значи професорот, покрај онаа сериозна работа околу уставното право, имал контакти и со спортот. Тогаш уште еднаш се потврди она што го споменав на почетокот, оти никогаш не можеме да претпоставиме што сѐ ќе откриеме кај луѓето што се афирмирани, не само кај нас, туку и надвор од границите на државата.

УТРИНСКИ ТРЕНИНГ И ТУШИРАЊЕ СО СТУДЕНА ВОДА

Така, покрај тениската тема, открив и други работи. Но, сепак, најмногу ме интересираше како тренираа двете девојки, дали помислуваа да учествуваат и на натпреварите, зашто во Македонија беа единствени и немаа конкурентки.
– Со Зорица цврсто бевме договорени без оглед дали еден ден ќе се натпреваруваме, секое утро, почнувајќи од 1960 година, па до катастрофалниот земјотрес, кој многу ни го промени животот, нешто пред шест часот да бидеме секој ден на терените. Откако добро ќе се испотевме, бидејќи друг начин немаше, се туширавме со студена вода од цревото со кое се полеваше црвеницата на теренот. Потоа заминувавме на училиште и целосно се посветувавме на учењето. Така, овој ритам на живот стана наше секојдневие и ниту едно утро не се колебавме дали да одиме на тренинг. Работевме без тренер, одвреме-навреме ни помагаа со некој совет Грицко, Васе или Гањо и толку. Во тоа се состоеше нашата „обука“ – продолжи Олга.
Олга и Зорица дури подоцна, откако во клубот открија дека тие сериозно тренираат, беа вклучени во составот на ТК Југ. Можеби и ова немаше да се случи доколку не постоеше услов на екипните првенства на Југославија да се настапува со мешан состав, машки и женски.
– Така ни се отвори вратата и ние да учествуваме на натпреварите и да ги одмериме силите со најдобрите Југословенки. Од тие настапи, најмногу ги паметам сојузните турнири во Нови Сад и во Марибор. Во Нови Сад се пласирав меѓу 16-те во Југославија, но тогаш налетав на Кокеза, една од најдобрите тенисерки во поранешната држава и бев елиминирана – вели Олга.
Зорица, пак, иако долго време се познаваме, некако срамежливо зборуваше за нејзиниот тениски период.
– Сепак, ни недостигаа искуство и квалитетен тренинг, за да можеме да сториме нешто повеќе во сојузна конкуренција, зашто нашите ривалки беа речиси полупрофесионалки. Тие имаа многу подобри услови од нас, едноставно тие живееја од и за тенисот. Затоа не беше чудно што неколку од нив стигнаа далеку. Ние, пак, сето тоа го правевме од задоволство, без некои поголеми амбиции за успех. Дури, за да не се скараме, одбегнувавме да одиграме натпревар меѓу себе, па не се знаеше која е подобра од нас две – додава Зорица.
Олга се потсетува и на нешто интересно од минатото.
– Во годините кога играв, отидов кај еден чевлар во Кавадарци да ми ја поправи штиклата од чевелот. Тој се загледа во еден исечок од весник, кој го беше закачил на ѕидот во дуќанот, и ме праша: Ти си оваа на сликата. Се изненадив откаде овде овој исечок и реков: Да, јас сум. Е, тогаш за штиклата не ти земам пари. Му стана мило, што, еве, за две негови сограѓанки се пишува нешто убаво и во весник – вели таа.
Зорица, која за кавадарчани е Зорка, пак, за да го овековечи својот град, покрај повеќето книги за модата и за облеката што се носела кај нас, а и во светот, има напишано и книга за своето Кавадарци. Во неа се опфатени занаетите што се негувале во центарот на Тиквешијата, а се зборува и за личностите што со своите активности придонеле за афирмацијата на Кавадарци.
Ете, ја проширив малку приказната за првите македонски тенисерки и ми се чини дека ви открив интересни и малку познати работи од нивниот живот. Но тука не е крајот, не можам, а да не го споменам и, за жал, мојот покоен другар и колега од МТВ, сестраниот спортист Сашо Панов.
– Знаете, јас сакав и да скијам. Често одев на Попова Шапка, а таму еден од тренерите беше и Сашо Панов. Цела група се качувавме на Церипашина и оттаму се спуштавме надолу кон целта. Најбитни ми беа кочењето и паѓањето. Му благодарам што од лудите спустови не се „отепав“ – вели Олга.