Фото: Пиксабеј / Илустрација

Украинскиот претседател Владимир Зеленски апелираше до НАТО да воведе зона на забранети летови над Украина за да се спротивстави на руската авијација, но лидерите на Северноатлантската алијанса засега се противат на ваквата можност поради стравувања дека би можела да ги вовлече во поширок конфликт со Русија, пренесува „Њујорк тајмс“.

Зоните на забранети летови се воведуваат за специфични подрачја и можат да се однесуваат и на конкретни владини објекти поради безбедносни причини или на други подрачја поради религиозни и културолошки причини. Но најчесто се користат во текот на оружени конфликти за да го спречат дејствувањето на воената авијација.

Нивното користење беше забележано и за време на војната во Персискиот Залив кога САД и сојузниците ја одбија ирачката инвазија на Кувајт во 1991 година, при која Ирачаните користеа борбени хеликоптери. Тогаш САД, Велика Британија и Франција воспоставија зони на забранети летови над северот и југот на Ирак, како мерка за заштита од воздушни напади. Ваквата практика продолжи до војната во Ирак во 2003 година, кога беше истакнато од страна на критичарите дека одлуката нема правна подлога.

Зоните на забранети летови беа воведени со одобрување на Обединетите нации и врз БиХ од 1993 до 1995 година за време на војната на просторот на поранешна Југославија, како и во Либија во 2011 година при крајот на владеењето на Моамер Гадафи.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека за државите што ќе се обидат да воведат зона за забрана на летови во Украина, ќе се смета оти учествуваат во оружениот конфликт. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во петокот порача дека членките на Алијансата одбиле да воведат зона на забрана на летови во Украина, поради стравувањата дека таквиот чекор може да доведе до „отворена војна во Европа“. Зеленски, пак, порача дека одбивањето на НАТО на таков чекор и дава на Русија „зелено светло“ за продолжување на војната“.