Фото: ЕПА

Одермат, кој има предност од 1.001 поен и може да го собори рекордот за најголема разлика (743 бода, Маер во сезоната 2000/2001), е третиот скијач во историјата на СК што победил на барем 10 трки по ред во една дисциплина

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Марко Одермат (Швајцарија) по велеслаломската трка во Палисајдс Тахо (САД) ја обезбеди својата трета последователна титула во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, со што го освои големиот кристален глобус, забележувајќи ја и 10-та победа по ред во велеслалом за да му се приклучи на одбран клуб. Одермат победи со 12 стотинки предност пред Хенрик Кристоферсен (Норвешка), а Ривер Радамус (САД) имаше 1,37 секунда послабо време за неговиот прв пласман на подиумот во Светскиот куп.
Одермат е третиот алпски скијач во историјата на Светскиот куп што победил на барем 10 последователни трки во една дисциплина, придружувајќи им се на Ингемар Стенмарк (Шведска), кој триумфира на 14 трки по ред во велеслалом од 1978 до 1980 година, и на Анемари Мозер-Прел (Австрија), која оствари 11 последователни победи во спуст од 1972 до 1974 година, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
До крајот на сезоната има уште 10 трки, Одермат води со 1.001 поен повеќе од Мануел Фелер (Австрија) и може да го собори рекордот за најголема разлика, која сега е 743 бода, остварена од Херман Маер (Австрија) во сезоната 2000/2001. Одермат е прв и во трките за малите кристални глобуси (титулите) во спуст, велеслалом и во супервелеслалом, а во слалом води Фелер. Н.М.


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ ВО СВЕТСКИОТ КУП, СКИЈАЧИ

Марсел Хиршер (Австрија, од 2007 до 2019 г.) 8
Марк Џирардели (Луксембург, од 1980 до 1996 г.) 5
Густав Тени (Италија, од 1969 до 1980 г.) 4
Пирмин Цурбриген (Швајцарија, од 1981 до 1990 г.) 4
Херман Маер (Австрија, од 1996 до 2009 г.) 4
Фил Мер (САД, од 1975 до 1984 г.) 3
Ингемар Стенмарк (Шведска, од 1973 до 1989 г.) 3
Марко Одермат (Швајцарија, од 2016 г., активен) 3

НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО ЕДНА ДИСЦИПЛИНА
Ингемар Стенмарк 14 во велеслалом
Анемари Мозер-Прел 11 во спуст
Марко Одермат 10 во велеслалом