Златков го надигра и индискиот ИМ Асват, има 2,5 поена и од 32-то се искачи на 14-то место меѓу 144 шахисти. Патем, тој има и нови 41,2 рејтинг-поени и игра со силина на шахист од 2.427 поени
ШАХ – СП 2023 ЗА ЈУНИОРИ
Македонскиот претставник на поединечното Светско првенство (СП) во Монтесилвано (Италија), за јуниори (до 14, 16 и до 18 години), Антон Златков продолжува со одличните игри.
По победата и ремито во првите две кола, Златков (2.220 рејтинг-поени, рангиран 46-ти пред почетокот на СП), во категоријата до 16 години, во третото коло со бели фигури го победи интернационалниот мајстор (ИМ) од Индија, Асват (2.373, рангиран деветти пред СП), што е нов голем успех, особено ако се знае дека противникот доаѓа од земја што е шаховска велесила, изразена со многу млади таленти.
Златков со овој поен сега има 2,5 и од 32-то се искачи на 14-то место меѓу 144 шахисти (седум интернационални мајстори, 32 ФИДЕ-мајстори) од 73 држави. Патем, тој има и нови 41,2 рејтинг-поени и игра со силина на шахист од 2.427 поени.
Од преостанатите седум македонски преставници, прва победа забележа Ивана Велкоска (до 14 години), а ремизираа, вторпат Инџи Ајрадиноска (до 18 години) и првпат Јована Давиткова (до 16 години). Преостанатите четворица македонски претставници, Стојан Велкоски (до 18 години), Теодор Јовановски (до 18), Никола Бошковски (до 16) и Малакај Насков (до 14) се поразени. На СП 2023 се играат 11 кола, а настапуваат вкупно 773 учесници во сите категории (453 момчиња и 320 девојчиња) од 94 држави. Г.И.