Тој настапи во категоријата јуниор (до 63 кг), имаше три борби и во сите три победи
ТАЕКВОНДО – БАЛКАН-КУП
Македонскиот надежен таеквондист и репрезентативец Христијан Симоновски (тежинска категорија до 63 кг), член на ТК Младост од Скопје, предводен од неговиот тренер Стефан Миленковски, оствари нов голем меѓународен успех. По неодамнешното освоено трето место и бронзен медал на Г1-турнирот „Босна опен 2024“, за што освои и нови четири бода за европската и за олимписката ранг-листа, Симоновски викендов настапи и на меѓународниот натпревар од светски ранг „Балкан-куп Г1“, во романскиот град Орадеа, каде што ги освои првото место и златниот медал во јуниорска конкуренција.
Тој во категоријата јуниор (до 63 кг) имаше три борби и во сите три победи. Во првата борба славеше против Словакот Артур Чимчак со 2-0 во рунди, во втората против Мухамед Ал Хабси од Оман со 2-1 во рунди, а во финалниот настап, за златниот медал, го совлада Французинот Насим Мигуел, со 2-0. Со овој успех тој освои нови 10 бода и полека, но сигурно, чекори кон олимпискиот пат, бидејќи откако ќе стане сениор во следната натпреварувачка година, тој ќе премине на олимписката ранг-листа, информираат од матичниот клуб Младост. Г.И.