Лирен е второпласиран на светската ранг-листа со рејтинг од 2.811 поени, победникот на Турнирот на кандидатите, Непомнијашчи има 2.793 и во меѓусебните дуели засега е поуспешен. Лани актуелниот и петкратен светски шампион Карлсен потврди дека нема да ја брани титулата. Мечот за новиот светски првак треба да се игра од 7 април до 1 мај годинава
ШАХ – ФИДЕ ГО ОДРЕДИ ДОМАЌИНОТ
Во главниот град на Казахстан, Астана, ќе биде крунисан новиот светски шаховски првак, во мечот за титулата светски шампион (од 7 април до 1 мај годинава), помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (32) и Кинезот Динг Лирен (30). Наградниот фонд изнесува два милиони долари, од кои 60 отсто ќе добие победникот, а 40 проценти поразениот, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
На 31 октомври 2022 година, актуелниот и петкратен светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, официјално потврди дека нема да ја брани титулата против неговиот иден предизвикувач, победник на Турнирот на кандидатите, Непомнијашчи. Лирен, пак, вицешампионот на Турнирот на кандидатите и актуелен шахист број два на светската рејтинг-листа, со тоа доби можност да заигра за светската круна. Настанот ветува дека ќе биде еден од највозбудливите и најотворени мечеви за титулата во последно време, оти ниту еден од нив не е изразит фаворит пред почетокот.
Лирен (кој во 2016 година ги бранеше боите на прва табла за ШК Алкалоид, кога скопјани станаа европски шампиони во Нови Сад) има моментален рејтинг од 2.811 поени, а Непомнијашчи 2.793 и е трет на светската рејтинг-листа, но затоа, пак, во меѓусебните дуели засега е поуспешен. Од 13 одиграни класични партии, Русинот победил во три, загубил две, а осум пати ремизирале.
Водството на Непомнијашчи се зголемува на 13-9, ако се вклучат и 10-те победи на Русинот, седумте порази и деветте ремија во партиите со брзо темпо, како и егзибициските дуели. Непомнијашчи победи на Турнирот на кандидатите, одржан во Мадрид во јуни и во јули 2022 година, со импресивен резултат од 9,5 поени од 14 можни. Таму, пак, Динг освои осум.
Турнирот на кандидатите беше последниот настан на кој двајцата претенденти играа меѓу себе, стигнувајќи до реми во осмото коло. Претходно, Непомнијашчи го победи Динг во првото коло на овој турнир, со што успеа да слави двапати во низа на Турнирот за кандидати, по неговата победа во Екатеринбург во 2021 година.
Мечот во Астана ќе се игра во 14 партии, со временска контрола од 120 минути за првите 40 потези, плус 60 минути за следните 20 потези, како и 15 минути до крајот на партијата, со дополнителни 30 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од 61-от, по играч.
Во случај на нерешен резултат, шампионот ќе се добие по плејофот со побрзо темпо на игра. Аргентина беше другиот главен кандидат за домаќин на овој меч, додека Мексико и Кина, исто така, изразија интерес, откако подолг период немаше понудена кандидатура. Г.И.