Шахот пред сѐ е игра и се обидувам да уживам колку што можам повеќе додека трае партијата. Потоа е спорт, затоа што бара исклучителна ментална и физичка подготвеност, особено на професионално ниво. За мене шахот претставува начин на кој можам да ја претставувам во светот мојата татковина Македонија, вели ИМ Тони Лазов
ИНТЕРВЈУ – ТОНИ ЛАЗОВ, НОСИТЕЛ НА СРЕБРЕН МЕДАЛ ОД ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА
Македонскиот интернационален шаховски мајстор (ИМ), репрезентативец и член на македонскиот шампион Алкалоид, Тони Лазов (актуелен рејтинг 2.393 поени), блесна на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта (Унгарија), откако во голем стил освои сребрен медал (со 7,5 поени од осум партии) на втората табла за репрезентацијата на Македонија (играчки рејтинг-перформанс од 2.763 поени и нови 32,7 рејтинг-поени). Лазов (24), кој е и актуелен шампион на Македонија, а има и една норма за велемајстор (ВМ), стана четвртиот македонски шахист што се закитил со медал на ШО, по Трајко Недев во 1996 година (бронза како прва резерва), Драгољуб Јаќимовиќ во 2000-та (злато на трета табла) и Владимир Георгиев во 2004 година (сребро на трета табла).
– Не очекував пред настапот на Шаховската олимпијада да освојам медал, но во првата пригода кога ми се укажа можност, верував дека можам да освојам медал и – успеав, рече Лазов во разговор за „Нова Македонија“.
Какво е чувството да се биде носител на медал од шаховска олимпијада?
– Извонредно. Дефинитивно најголем успех во мојата досегашна кариера. Испишав историја и им се приклучив на неколкутемина македонски шахисти што имаат освоено медали на ШО. Фактот дека успеав да освојам медал на високата втора репрезентативна табла во силна конкуренција му дава уште повеќе тежина на овој мој успех.
Која Ваша партија би ја издвоиле за најдобра на ШО 2024?
– Со швајцарскиот ВМ Јаник Пелетие, бидејќи речиси цела партија бевме во еднаква позиција, но успеав да му создавам тешкотии до самиот крај, сѐ додека тој не погреши и со тоа успеав да го победам.
Кој беше главниот „виновник“ да го засакате шахот и на колку години?
– Правилата на игра ги научив на шест-седум години од мојот дедо. Но подоцна почнав да тренирам во шаховскиот клубот во Неготино со ВМ Трајко Недев, кој и денес е мој единствен тренер.
Кој е сѐ најзаслужен за досегашниот Ваш шаховски развој?
Прво моето семејство, се разбира, особено татко ми, кој ме носеше на турнири со години додека бев помал. Се сеќавам дека ме возеше секој ден од Неготино до Скопје и ме чекаше по четири-пет часа, додека играв и пак ме враќаше, за време на целиот турнир од девет дена. Потоа мојот тренер Трајко Недев, кој ми го пренесува несебично неговото знаење и, се разбира, шаховскиот клуб Алкалоид, кој ме поддржува во текот на цела моја кариера и ми овозможува тренинзи и настапи на турнири.
Колку внимание дневно му посветувате на шахот?
– Секогаш е различно, од два-три, па сѐ до осум часа. Сепак, се трудам тоа да биде секојдневно, бидејќи постојаноста и рутината се најважни за да не се избега од колосекот и со тоа да се задржи формата.
Дали имате посебен ритуал пред партија?
– Се обидувам да јадам пообилно на околу еден и пол до два часа пред партија, оти многу се трошам додека играм, па затоа ми треба енергија.
Кога ќе станете сопственик на највисоката шаховска титула, велемајстор?
– Најбрзо што може, но не би прецизирал краен конкретен рок. Работам кон таа цел и во наредните неколку години се надевам дека ќе ги исполнам сите услови за да се стекнам со највисоката шаховска титула.
Како би го дефинирале шахот и што претставува тој за Вас?
– Пред сѐ тоа е игра и се обидувам да уживам колку што можам повеќе додека трае партијата. Потоа е спорт, затоа што бара исклучителна ментална и физичка подготвеност, особено на професионално ниво. За мене шахот претставува начин на кој можам да ја претставувам во светот мојата татковина Македонија.
Кој е Вашиот шаховски идол, а кој, според вас, најсилниот играч во светот?
– Идол ми е Михаил Таљ, кој секогаш ме инспирира кога ја читам книгата „Животот и партиите на Михаил Таљ“ и неговите фасцинантни жртви во партиите, кои успеваат да ми измамат насмевка на лицето. Едноставно, шаховски гениј, кој тешко некогаш може да се повтори воопшто. Најсилен шахист на сите времиња, секако, е Магнус Карлсен, но би го споменал и Домарају Гукеш, кој ќе игра меч за светската титула и ќе има можност да стане најмлад светски првак во историјата, а, според мене, има и предиспозиции во иднина да ги надмине достигнувањата на Карлсен.
Ваша шаховска желба?
– Да имам можност да работам и да ме тренира некој врвен тренер од калибарот на Јосиф Дорфман или Артур Јусупов, чии книги многу ми помогнале досега.
Што би им препорачале на младите што сакаат да тргнат по вашите стапки?
– Секој човек е различен и различно функционира. Мора прво да се спознаат себеси и да видат што најмногу им одговара. Нема правилна формула за постигнување успех, бидејќи постојат многу и секоја е посебна приказна за себе. Најважно е да си постават цели што им се важни лично ним и на кои со задоволство ќе работат за да ги остварат, затоа што знаат дека тие би ги направиле среќни и задоволни. Не помалку значајно е и да веруваат дека можат да ги остварат, како што рекол Хенри Форд, сѐ што човечкиот ум може да замисли, тоа може и да го оствари. Г.И.
Физичка активност, читање книги, дружење со пријателите, здрава исхрана…
Како го поминувате времето кога не сте во друштво со фигурите?
– Пробувам да бидам физички активен, дали е тоа фитнес-тренинг, возење велосипед или било која друга физичка активност, не е толку пресудно, важно е да се раздвижи телото и да се одржува здраво. Уживам во читање книги, автобиографии на врвни спортисти, потоа книги во доменот на самопомош и личен развој од кои црпам различни инспирации и идеи. Нормално, поминувам време и во дружење со пријателите. Здравата исхрана, исто така, ми е приоритет – изјави ИМ Тони Лазов. Г.И.
Лична карта
Роден: во Неготино, на 12 мај 2000 година
Образование: Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје
Омилено шаховско отворање: Кралева-индијка со црни и Италијанска партија со бели фигури
Омилена фигура: ловец
Боја на фигури: бели
Дел од партијата: средишница, каде што е и најсилен
Хоби: возење велосипед, пинг-понг