СТРЕЛАШТВО – ЕП ВО ШПАНИЈА
Македонската стрелачка Оливера Наковска-Бикова го освои деветтото место, додека Александар Јовановски заврши 19-ти во финалето во дисциплината П4 пиштол слободен избор на 50 метри, на Европското првенство (ЕП) во парастрелаштво, кое денеска завршува во шпанскиот град Гранада.
– Оливера постојано беше меѓу осумте најдобри, очекувавме влез во финалето, меѓутоа во третата серија имаше два лоши истрела и потоа цело време се движеше на осмото и деветтото место, за на крајот, сепак да го освои деветтото. Таа за првпат настапи со нов пиштол, како и Александар, па можеби и тоа е дел од резултатот, но секако стои и фактот дека двајцата натпреварувачи годинава за првпат настапуваат на меѓународен натпревар. Александар, пак, имаше преголема желба да се впушти во борба за последната квота за настап на ПОИ во Париз 2024, меѓутоа работите на почетокот не одеа како што посакувавме, имаше премногу киксови во првата серија. Подоцна се подобри, меѓутоа беше предалеку од потребниот резултат – вели селекторот на македонската параолимписка репрезентација, Бранимир Јовановски.
На ЕП во Гранада учествуваа 143 спортисти од 31 држава, а со македонските репрезентативци покрај Бранимир Јовановски беше присутен и асистентот Драган Дојчиноски. За разлика од Јовановски, кој се бореше за исполнување параолимписка норма, за Наковска-Бикова ова ЕП беше од престижен карактер, со оглед на фактот што таа веќе има исполнето норма за годинашниве ПОИ во Париз. Г.И.