Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ова СП не само што ќе биде апсолутно врвен спортски настан туку ќе биде и голем фестивал на умот, уметноста, сјајот и прослава на убавината на шахот, вели Емил Сутовски, извршен директор на ФИДЕ, во пресрет на СП во забрзан и во брз шах, познато како најследен шаховски настан на глобално ниво, заедно со мечот за светски првак

Шаховските ентузијасти треба да се подготват за незаборавно искуство, оти најинтензивниот глобален шаховски настан, Светското првенство (СП) во забрзан (двапати по 15 минути, плус 10 секунди), за награден фонд од 21.950 евра (за шампионот 4.000 евра), и во брз шах (двапати по три минути, плус две секунди) првпат ќе се игра во Њујорк (САД) во декември годинава. Со учество на врвни играчи од целиот свет, настанот ќе обезбеди пет дена без престан шаховски возбудувања и спектакуларни партии. Ова СП е познато како најследен шаховски настан на глобално ниво, заедно со мечот за светски првак, а лани имаше над 250 милиони прегледи, со очекување рекордот да биде соборен годинава. Се очекува да настапат најдобрите светски играчи.
– Одамна беше сон на ФИДЕ да има ваков шаховски спектакл во Њујорк. Ова СП не само што ќе биде апсолутно врвен спортски настан туку ќе биде и голем фестивал на умот, уметноста, сјајот и прослава на убавината на шахот. Ги покануваме сите заинтересирани за шахот, без разлика на нивното ниво, да ни се придружат за да го направиме овој настан еден од најнезаборавните што некогаш се одржале во Њујорк – рече Емил Сутовски, извршен директор на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Поединечното СП во забрзан и во брз шах се игра од 2012 година и во календарот на ФИДЕ стана врвен шаховски настан. Годинава ова СП се совпаѓа со две големи прослави, сто години од основањето на ФИДЕ и сто години од познатиот шаховски турнир во Њујорк, на кој учествувале најголемите шаховски имиња од тоа време, информира ФИДЕ.
Во Скопје во 2018 година се одигра 31-то Европско првенство во забрзан и во брз шах, што беше уште еден голем шаховски спектакл одржан во Македонија. Г.И.