Ланските победници Алексија Путејас од Шпанија и Лионел Меси од Аргентина / Фото: ЕПА

Наградите на ФИФА, кои се доделуваат повеќе од 30 години, поминаа низ различни периоди пред да го добијат сегашното име „Најдобар“ во 2016 година. Најстарото признание е наградата за ферплеј (од 1987 година), факт што уште еднаш ја нагласува важноста што ФИФА му ја дава на спортскиот аспект на играта, пишува ФИФА. На прогласувањето во Лондон денеска ФИФА ќе додели вкупно девет награди и ќе ги прогласи најдобрите единаесетмина, мажи и жени

ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА), која денеска во Лондон ќе ги прогласи најдобрите за 2023 година, доделува награди за најдобрите во светот на фудбалот повеќе од 30 години, а наградата помина низ различни периоди низ годините пред да го добие сегашното име „Најдобар“ во 2016 година. Најстарото признание е наградата за ферплеј, првпат доделено во 1987 година, следуваше наградата за најдобар фудбалер, во 1991 година, а на прогласувањето денеска ФИФА ќе додели вкупно девет награди и ќе ги прогласи најдобрите единаесетмина, мажи и жени.

МАТЕУС, ХАМ…

Лотар Матеус ја освои инаугуративната награда во 1991 година, откако беше капитен на Германија на патот до титулата на Светското првенство (СП) во Италија во 1990 година. Во 2001 година беше доделена првата награда за најдобрата фудбалерка на годината, а ја доби Американката Миа Хам, која ги освои наградите во првите две години, пред да доминира бразилската легенда Марта, освојувајќи пет од нејзините шест титули од 2006 до 2010 година.
Во 2001 година исто така беше доделена првата претседателска награда, дизајнирана да оддаде почит кон одредена услуга од личности и институции што често се занемаруваат од медиумите. Првиот добитник на ова признание беше Марвин Ли од Тринидад. Тука се и наградите за најдобрите 11 во двете конкуренции, кои се избрани од илјадници професионални фудбалери од целиот свет, гласајќи за најистакнат играч на секоја позиција. Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) ги избираше најдобрите светски единаесетмина од 2005 до 2008 година пред да стане дел од наградите на ФИФА следната година, а 2019 година беше првата година кога беше воведен и изборот за најдобар тим од фудбалерки.
Наградите за најдобри тренери беа воведени во 2016 година, заменувајќи ги признанијата на ФИФА за најдобар тренер на годината, кога Клаудио Раниери ја освои инаугуративната награда за мажи за неверојатниот триумф на Лестер во англиската Премиер-лига. Сарина Вигман трипати ја освои наградата за жени, откако ја водеше Англија до победа на Европското првенство, и сега се трка за четврто признание откако стигна до финалето на Светското првенство лани.

ГОЛОВИ, ФЕРПЛЕЈ, НАВИВАЧИ, ГОЛМАНИ…

Најстарото признание е наградата за ферплеј, факт што уште еднаш ја нагласува важноста што ФИФА му ја дава на спортскиот аспект на играта, пишува ФИФА. Во 1987 година навивачите на шкотскиот клуб Данди јунајтед беа првите победници во историјата, а оттогаш ФИФА ги препознава публиката, националните тимови, клубовите, играчите и асоцијациите чие придржување до идеалите за ферплеј дава пример, пишува ФИФА.
Пред 15 години наградата „Пушкаш“ беше создадена во чест на Ференц Пушкаш, кој беше капитен и ѕвезда на унгарската репрезентација во 1950-тите години. Оваа награда им се доделува фудбалерот или фудбалерката со најдобриот гол на годината. Првите добитници на наградата за навивачи беа поддржувачите на Ливерпул и на Борусија Дортмунд во 2016 година. Следната година таа им припадна на тие од Селтик, по што следуваа навивачите на Перу во 2018 година, потоа поддржувачката на Палмеирас, Силвија Греко, и неодамна Маривалдо Франциско да Силва, обожавател на Спорт Ресифе, пишува ФИФА.
Наградата за најдобри голмани одамна беше задоцнета, а во 2017 година Џанлуиџи Буфон стана првиот добитник, пишува ФИФА. Успехот на оваа конкретна категорија доведе до создавање на наградата „Најдобра голманка“ во 2019 година, а инаугуративната добитничка беше Сари ван Веенендал, благодарение на големиот дел нејзини извонредни настапи на СП 2019, со што ѝ помогна на Холандија да се пласира во финалето.

РЕКОРДИ, ФАКТИ…

Има само 16 имиња за машката награда на ФИФА поради плодното дуо Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои заедно победија 12 пати. Бразил има најмногу награди за фудбалери, осум, благодарение на Роналдо (во 1996, 1997 и во 2002 година), Роналдињо (2004 и 2005), Ромарио (1994), Ривалдо (1999) и Кака (2007). Џорџ Веа (Либерија, 1995) е единствениот фудбалер надвор од Европа и од Јужна Америка што ја освоил наградата за мажи, пишува ФИФА. Бразилката Марта има најмногу награди за фудбалерки, шест, вклучувајќи пет по ред (2006-2010 и 2018). Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, е единствениот што двапати ја освоил наградата за најдобар тренер на машки тим (во 2019 и во 2020 година). Н.М.


НЕКОИ ФИНАЛИСТИ ВО ИЗБОРОТ НА ФИФА ЗА 2023 ГОДИНА

НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР: Ерлинг Холанд (игра за Манчестер сити и за репрезентацијата на Норвешка), Килијан Мбапе (ПСЖ, Франција), Лионел Меси (ПСЖ/Интер Мајами, Аргентина)
НАЈДОБРА ФУДБАЛЕРКА: Аитана Бонмати (Барселона, Шпанија), Линда Каиседо (Реал М./Кали, Колумбија), Јени Хермосо (Пачука, Шпанија)
НАЈДОБАР ГОЛМАН: Јасин Буну (Севилја/Ал Хилал, Мароко), Тибо Куртоа (Реал Мадрид, Белгија), Едерсон (Манчестер сити, Бразил)
НАЈДОБРА ГОЛМАНКА: Мекензи Арнолд (Вест хем, Австралија), Ката Кол (Барселона, Шпанија), Мери Ерпс (Манчестер јунајтед, Англија)
НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА МАШКИ ТИМ: Пеп Гвардиола (од Шпанија, тренер на Манчестер сити), Симоне Инзаги (Италија, Интер), Лучијано Спалети (Италија, Интер)
НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА ЖЕНСКИ ТИМ: Џонатан Хиралдез (Шпанија, Барселона), Ема Хејс (Англија, Челси), Сарина Вигман (Холандија, репрезентација на Англија)
НАЈУБАВ ГОЛ: Хулио Енцисо (од Брајтон, на меч со Манчестер сити), Гилерме Мадруга (од Ботафого, на меч со Новоризонтино), Нуно Сантос (од Спортинг, на меч со Боависта)