На СП прворангирани пред почетокот на турнирот во забрзан шах се Карлсен и Костењук (2.537), во брз шах Накамура и Лагно, а титулите од лани ги бранат Абдусаторов, Костењук, Вашер-Леграв и Асаубајева

Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах за 2022 година ќе се одржи во казахстанскиот град Алмати (од утре до 30 декември) и на него се очекува да настапат повеќе од 300 врвни шахисти од педесетина држави. Вкупниот награден фонд изнесува еден милион долари, од кои 700.000 е за отворените, а 300.000 за женските првенства. СП во збрзан и брз шах во двете конкуренции се одржуваат секоја година од 2012 година.
Во забрзан шах секој играч има по 15 минути за размислување, а по секој одигран потег ќе добие уште 10 секунди, почнувајќи од првиот потег. Во натпреварите во брз шах, пак, секој играч ја почнува партијата со по три минути време за размислување, а по секој одигран потег добива плус две секунди на неговиот часовник.
На годинашното Светско првенство, покрај многуте врвни шахисти, ќе игра и актуелниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој трипати беше светски шампион во забрзан шах (во 2014, 2015 и во 2019 година) и четири пати во брз шах (во 2014, 2017, 2018 и во 2019 година). Прворангирани во забрзан шах се Карлсен (2.834 рејтинг-поени) и Русинката Александра Костењук (2.537), а во брз шах Американецот Хикару Накамура (2.909) и Русинката Катерина Лагно (2.522).
Актуелни светски шампиони во забрзан шах од лани се Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов и Костењук, а во брз шах, Французинот Максим Вашер-Леграв и Казахстанката Бибисара Асаубајева. Г.И.