Фото: Игор Бансколиев

Мислам дека работа број еден што сакам да ја направам е да се осигурам дека луѓето разбираат дека доброто судење почнува на теренот, со добро донесување одлуки, добро управување со играта, ефикасно и ефективно управување со играчите и дека не е целиот фокус на ВАР. Мислам дека има потреба да се случи зголемување на транспарентноста. ВАР е на место од кое ќе интервенира кога ќе има јасна и очигледна грешка идентификувана од него. Минимална интерференција за максимална корист, вели Веб, кој го судеше финалето на Светското првенство во 2010 година

ФУДБАЛ

Хауард Веб сака да се зголеми транспарентноста околу системот видеопомошник-судија (ВАР) во англиската фудбалска Премиер-лига со споделување на разговорите помеѓу судиите и видеопомошните судии со гледачите, пишува „Скај спорт“. Во моментов, само големите екрани на стадионите покажуваат дали одлуката се разгледува од ВАР и поради која причина пред да се открие исходот, но гледачите не се свесни како и зошто се донесуваат одлуките. Поранешниот премиерлигашки судија Веб се врати во англискиот фудбал за да ја почне својата нова улога како прв главен судија на Професионалните службени лица во фудбалот и еден од неговите клучни фокуси ќе биде на ВАР. Во ексклузивно интервју за „Скај спорт“, Веб, кој претходно беше генерален менаџер на Професионалната судиска организација во САД и во Канада, го изнесе својот став за емитувањето на разговорите.
– Мошне е интересно што бев доста опширно вклучен во тој разговор во САД. Бев дел од работната група што ги разгледуваше можностите за разговорите меѓу официјални лица да се емитуваат во живо или набргу, со задоцнување по спорниот момент и тоа е разговор што уште е во тек и ќе го следам внимателно. Ќе ни требаат одредени дозволи од светската управа за да се случи тоа. Сигурно нема што да се крие. Слушав некои од тренинзите што им беа доставени на ВАР и на судиите пред неколку недели и нивото на комуникација е навистина високо, многу професионално и е многу фокусирано во однос на тоа што се проверува и се разгледуваат размислувањата. Се подготвуваме потенцијално за ден каде што ќе има такво нешто. Можеме да ги емитуваме разговорите по настанот, го направивме тоа во МЛС, и ќе барам да се сподели дел од тоа, бидејќи кога ќе го слушнете нивото на кое овие луѓе работат, остава позитивен впечаток. Значи, ќе бараме да го зголемиме тоа ниво на транспарентност во рамките на она што е можно тука и сега – рече Веб.
Во средата беше објавено од страна на панелот за спорни моменти во клучните натпревари, дека ВАР во Премиер-лигата направил шест неточни интервенции сезонава, а 42 се оценети како точни.

– Мислам дека работа број еден што сакам да ја направам е да се осигурам дека луѓето разбираат дека доброто судење почнува на теренот, со добро донесување одлуки, добро управување со играта, ефикасно и ефективно управување со играчите и дека не е целиот фокус на ВАР. Поголемиот дел од вревата што ја слушав кога бев надвор од англиските натпревари за тоа што се случува со судењето овде е околу ВАР. Се чини дека тоа е тема на разговор и е веќе некое време. Јасно, има некои нерамнини на патот со имплементацијата, но доброто судење е нешто што почнува на теренот. Значи, фокусот ќе биде околу поставувањето структура за да се поддржи ефективно одлучување на теренот. Потоа, покрај тоа, ќе се обезбеди ВАР да работи ефикасно како безбедносна мрежа за да ги долови тие јасни и очигледни грешки што понекогаш уште можат да се појават со одлука што е донесена на теренот. Мислам дека имаше потреба да се случи зголемување на транспарентноста, за уште малку да се повлече завесата на процесот и да им се покаже на луѓето образложението за донесување одлуки, па мислам дека тука ќе биде мојот фокус во првите недели – вели Веб, кој го судеше финалето на Светското првенство во 2010 година.
На прашањето како ВАР треба да се подобри под негова контрола, тој рече: „Без сомнение, тоа е да се осигури луѓето да разберат дека ВАР е на место од кое ќе интервенира кога ќе има јасна и очигледна грешка идентификувана од ВАР. Минимална интерференција за максимална корист. Но морам да управувам и со очекувањата, бидејќи има многу ситуации во играта, кои се навистина субјективни кога луѓето ќе формираат поинакво мислење“.
Критиката за ВАР е што судиите на теренот постојано ги менуваат своите одлуки кога се повикуваат кај мониторот покрај теренот.

– Обуката што ќе ја одржиме за ВАР е околу конзистентно идентификување што е, а што не е јасна и очигледна грешка, но тоа, сепак, вклучува процена од човечко суштество што ги гледа сите агли. Таа процена најчесто ќе биде добра затоа што овие луѓе се високообучени, судијата оди до екранот по препорака на ВАР и обично тие ќе ја променат својата одлука доколку ВАР работи правилно. Сепак, во ВАР можеби идентификувале нешто што тие мислат дека е јасна и очигледна грешка, но судијата не се согласува, така што судиите ќе бидат апсолутно овластени да кажат „ви благодарам, но според моето мислење, мислам дека мојата прва одлука беше во ред“. И тие ќе имаат апсолутно право да го направат тоа кога ќе погледнат на екранот. Кога судиите ќе одат кај екранот, тие ќе ја донесат конечната одлука и можат да ја задржат својата одлука ако сакаат, нема да го видите тоа толку често ако ВАР работи добро – рече Веб.