Свеченото отворање е утре, во 20 часот, но од вчера почнаа спортските натпревари, прво во фудбал и во рагби, а првите медали ќе бидат доделени в сабота, во стрелаштво, пливање, скокови во вода, џудо, рагби и во скејтбординг

ПОЧНА НАТПРЕВАРУВАЧКИОТ ДЕЛ НА ЛОИ 2024 ВО ПАРИЗ

Со вчерашните натпревари во фудбал и во рагби почна натпреварувачкиот дел на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, чие свечено отворање е утре, во 20 часот. Вообичаено, пред отворањата почнуваат олимписките спортски натпревари, па така, вчера, на пример во фудбал меѓу себе играа машките селекции на Франција и на САД, денеска, меѓу другите, се ракометните мечеви за жени Словенија – Данска, Унгарија – Франција…, а вкупно на програмата се натпревари и во рагби, фудбал и во стрелаштво.
На Летните олимписки игри во Париз ќе се доделат вкупно 329 златни медали во 32 спорта во текот на 18 дена натпреварување, а неверојатни златни 39 медали ќе се освојуваат на претпоследниот натпреварувачки ден, на 10 август. Првиот златен медал на Игрите ќе биде освоен во стрелаштво, в сабота претпладне, потоа истиот ден и во пливање, скокови во вода, џудо, рагби и во скејтбординг, а последниот е во кошарка за жени, на 11 август попладне. Нов спорт на ЛОИ 2024 е брејкденс. Светската атлетика (СА) објави дека ќе стане првата меѓународна спортска федерација што доделува парични награди на ЛОИ. СА соопшти дека вкупниот награден фонд е 2,4 милиони долари, при што освојувачите на златни медали ќе добиваат по 50.000 долари, пишува „Би-би-си“
Церемонијата на отворање на годинашните Игри, наместо на стадион, ќе се одржи покрај реката Сена. Околу 10.000 спортисти ќе парадираат на повеќе од 90 брода на реката Сена, во должина од шест километри, а церемонијата ќе се одржи за време на зајдисонце и се очекува да трае речиси четири часа, трансформирајќи ги Париз и неговите знаменитости во џиновска сцена, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Се очекува дека околу 220.000 поканети гледачи да ги наполнат горните нивоа на бреговите на реката, а дополнителни 100.000 гледачи со купени билети ќе бидат на долниот брег на реката и околу плоштадот „Трокадеро“, пишува АП. Н.М.