Руската лизгачка Камила Валиева (15) пред три дена влезе во историјата на Зимските олимписки игри и на уметничкото лизгање. Таа освои златен медал во екипна конкуренција како прва жена што направила четирискок на Игрите, односно, таа тоа го направи во два наврата, на звуците на „Болеро“ на Морис Равел, за да стигне до златниот медал со вкупно 178,92 поени.
Според извештајот на „Асошиејтед прес“, рускиот весник „РБЦ“ соопшти дека Валиева била позитивна на допинг-тест направен пред да го освои Европското првенство минатиот месец. Во крвта и бил пронајден забранетиот лек „триметазидин“ кој се користи за лекување на напади на ангина и вртоглавица. Лекот е забранет бидејќи ја зголемува и издржливоста и го подобрува протокот на крв, наведува АП.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) вчера објави дека церемонијата на доделување медали, првично закажана за ден претходно, е одложена, поради правно прашање, без да даде повеќе детали. А денес од ИОК соопштија дека не можат да кажат ништо повеќе за правното прашање околу одложувањето на церемонијата, освен дека доцнењето е поврзано со допинг тест за член на рускиот тим.
– Тоа е правен случај. Јас сум обврзан со правниот случај и нема да можам да кажам ништо повеќе за тоа – рекол портпаролот на ИОК Марк Адамс.
Според светските регулативи за антидопинг, Валиева припаѓа на групата на т.н. „заштитени спортисти“ помлади од 16 години, кои „не можат официјално да бидат прогласени за виновни за антидопинг прекршок“.
Покрај Валиева, во руската репрезентација која се соочува со губење на златото се и Марк Кондратјук, потоа спортската двојка Анастасија Мишина и Александар Галијамов и танцовиот тандем Викторија Синицина – Никита Кацалапов. САД освоија сребро во екипна конкуренција, Јапонија стигна до бронзата додека пак Канада беше четвртопласирана.
Валиева денеска тренираше
Руската лизгачка Валиева облечена во темносина дуксерка, црни хулахопки со кратки панталони преку нив, и коса врзана во пунџа, денес била видена како тренира, во пресрет на женскиот поединечен натпревар во уметничко лизгање кој треба да започне во вторник, пренесе „АП“, додавајќи дека и покрај притисокот што ја опкружува, тинејџерката на тренингот повторно извела четвороскок. На тренингот присуствувaла и Етери Тутебридзе која е тренер на Валиева. Таа одбила да одговори на прашањата на новинарите во микс-зоната, а без коментар бил и Рускиот олимписки комитет.
Портпаролот на ИОК, Адамс, бил запрашан и дали е вообичаено на спортист да му биде дозволено да се натпреварува откако ќе има позитивен тест на забранета супстанција пред Игрите.
– Претпоставувам дека ако нешто такво беше откриено, веројатноста за настап ќе беше многу мала – рекол Адамс.
Доведено во прашање тестирањето на малолетните спортисти
На денешната прес-конференцијата, ИОК одби да одговора на прашања, наведувајќи ја загриженоста за правниот процес, а без коментар биле и портпаролот на руската федерација за уметничко лизгање и Меѓународната унија за лизгање (ИСУ), повикувајќи се на антидопинг правилата.
Дејвид Хауман, поранешен генерален директор на Светската антидопинг агенција ВАДА, за „Ројтерс“ изјави дека е потребна согласност од родителите пред да се тестираат малолетниците.
– Најлошиот кошмар на која било организација е спортистите да се натпреваруваат, а потоа да добијат позитивен тест за време на Игрите. Многу е невообичаено по позитивниот тест спортист да се биде вратен во натпреварувањето и церемонијата на медали. Обично спортистот на таа позиција веднаш би бил дисквалификуван, но тоа не се случило овде – рече Хауман.
Тој рече дека единствениот пат кога можел да се сети дека не се одржала церемонија на доделување медали е кога Јужноафриканецот Кастер Семења победил на 800 метри на Светското првенство во атлетика во Берлин.
Портпаролот на ИОК, Марк Адамс, побара трпение и разбирање од другите лизгачи додека се одвива правниот случај. Тој рекол дека претставниците на Олимпијадата ќе работат што е можно побрзо за да ја средат церемонијата за доделување медали.
Триметазидин не помага на перформансите, но не се зема случајно
Истакнатиот новинар Василиј Конов, заменик генерален продуцент на рускиот спортски канал „Матч-ТВ“, без да наведе извори, изјави дека предметниот примерок бил земен пред два месеци.
– Лекот триметазидин никако не и помагал на спортистката. Воопшто. Пронајден е во еден примерок во декември. Мала количина. Нема ништо во нејзините примероци пред или потоа. Не постои допинг во конвенционална смисла. Овој лек нема влијание врз перформансите. Сега оставете ја Камила на мир – напишал тој на социјалните мрежи.
Триметазидин, или ТМЗ, делува со зголемување на протокот на крв во срцето и ограничување на брзите промени на крвниот притисок. Лекот не е одобрен за употреба во САД. Се наоѓа на листата на забранети супстанци на ВАДА од 2014 година.
– Тоа не е лек што би го земале случајно, не е нешто што вообичаено би ви било препишано, ниту нешто што би очекувале да биде препишано на 15-годишно дете. Многу е разочарувачки и вистински срам што Русите продолжуваат да имаат позитивни допинг-тестови на големите настани, по сето она што го помина таа земја – рекол Хауман.
Руските спортисти на Игрите во Пекинг се натпреваруваат без државните обележја поради санкциите против Русија за претходни допинг- прекршоци.