Светски последици од американската поларизација

Уште една жестока битка се одигра во американскиот Конгрес и ништо не се постигна. Републиканците уште еднаш направија опструкција за да го спречат носењето закони насочени кон спротивставување на новите ограничувања на гласањето низ целата земја, а демократите не успеаја да ги променат правилата за опструкција за да го изгласаат. Сагата е пример за превирањата, поларизацијата и парализата што ја зафатија американската политика и несомнено ќе влијаат на конгресните избори во ноември. Ваквата состојба треба да го загрижи остатокот од светот.
Во последниве години, недоразбирањето и недовербата создаваат поделби во американското општество. Платформите на социјалните медиуми ги усложнија овие проблеми, зајакнувајќи ги постојните ставови на луѓето, дискредитирајќи ги противниците и олеснувајќи ја појавата на преревносната „култура на откажување“. Искреното размислување за себе и отворениот дијалог потребни за да се овозможат реформи и помирување станаа невозможни.
Како што политичките лидери научија да профитираат од поларизацијата, состојбата дополнително се влоши. Популистичката, изолационистичката и каприциозната реторика и политики на поранешниот претседател Доналд Трамп ја влошија поларизацијата и ја поттикнаа нестабилноста. Немам намера да им проповедам на Американците за тоа што е во нивен политички интерес. Тоа е долгогодишна навика на Европејците и е снисходливо дури и кога е добронамерно. Тоа е уште понесоодветно во време кога Европејците се соочуваат со сопствен вид екстремизам и ќор-сокак.
Но факт е дека поделбите во американското општество нè погодуваат сите нас. Најочигледно, поларизираната политика на Америка ги обликува нејзините економски, климатски, одбранбени, земјоделски и надворешни политики. Таков пример е неодамнешната иницијатива предводена од републиканците за воведување санкции на руско-германскиот гасовод „Северен тек 2“, и покрај заканата што тоа би ја претставувало по стратегијата на американскиот претседател Џо Бајден за Русија и по односот на САД со Германија.

Но проблемот е подлабок од која било индивидуална политика. По долгогодишен акцент на економските аспекти, геополитиката повторно го зазеде централното место на светско ниво, при што конкуренцијата на големите сили водена од идеологијата се интензивира токму во моментот кога либералната демократија го изгуби својот сјај. Овој натпревар се игра во различни географски арени, па дури и се одрази во економската сфера. Последниот пат кога геополитиката ги дефинира односите во светот, САД беа лидери и главни поборници на западните интереси и демократските вредности. Денес, како што покажува тековната криза на границата со Украина, на светот му треба Америка да ја повтори таа улога. Сепак, државата е бледа сенка на она што беше некогаш, а во голема мера вината лежи во домашната политичка поларизација.
Магично решение нема, но беа унапредени голем број идеи, од директни повици да престане да им се даваат платформи на екстремистите до детални предлози за ревитализација на државјанството преку задолжителна национална служба. На некој начин, последната замисла доаѓа до срцето на предизвикот. Американците треба повторно да се поврзат со чувството на заедничка припадност со нивната земја и нејзината траекторија. Тие мора да преземат одговорност за својата иднина, вклучувајќи и со директно придонесување во процесот на трасирање на патот напред. Во спротивно, народната поддршка ќе стане неостварлива.
Европската Унија (ЕУ) е добро запознаена со овој императив. Како и САД, ЕУ станува сè поподелена, бидејќи се бореше да ја разјасни својата причина за постоење во модерното време. За да се справи со овој предизвик, ЕУ ја започна Конференцијата за иднината на Европа. Замислата на францускиот претседател Емануел Макрон вклучува низа разговори предводени од граѓаните, фокусирани на разјаснување на предизвиците и приоритетите на Европа и помагање во „обликувањето на заедничката иднина“. Сепак, колку и да звучи привлечно концептот, Конференцијата многу личи на идеалистички смоквин лист што ги покрива бирократските неефикасности. Во секој случај, САД дури и да се обидат да направат таква иницијатива, прво ќе треба да постигнат одреден консензус за тоа што значи да се биде Американец.

Републиканците и демократите во моментов имаат остро спротивставени визии, како што јасно покажа пандемијата на ковид-19. Ако Американците не можат да се согласат за заедничко разбирање на нивната сегашност, вклучувајќи ја позицијата на нивната земја во светот, како можат воопшто да почнат да разговараат за заедничка визија за нивната иднина? Но заедничкиот непријател работи на обединување на земјата само ако сите се согласат кој е тој непријател. Имајќи предвид дека ковид-19 само ги зајакна поделбите во Америка, јасно е дека ова е полесно да се каже отколку да се направи.
Во разјаснувањето на улогата на Америка во светот, перспективата на аутсајдер може да биде корисна. Неамериканците имаат тенденција да имаат јасна идеја за она што САД историски го претставувале: генијалност, дарежливост и демократија. Патот до повторно обединета Америка, дејствувајќи како веродостоен светски лидер, нема да биде ниту лесен, ниту правилен. Но со оглед на тоа колку актери се желни да го искористат падот на Америка, Европа мора да направи сè што може за да им помогне на САД да напредуваат. Исто како што САД бараа „Европа да биде цела и слободна“ по завршувањето на Студената војна, Европа денес треба да ја поддржи Америка во излекувањето и помирувањето.

Авторка:та е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија, а актуелно е предавачка на универзитетот „Џорџтаун“