Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна направи храбар напор да посредува помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и Западот за излез од ќорсокакот на границата со Украина. По петчасовниот состанок со Путин, Макрон излезе со оптимистичка изјава, зборувајќи за наводните уверувања што ги добил од рускиот колега дека нема да има ескалација на кризата од страна на Русија. Но, веќе следниот ден, пред Макрон да се сретне со украинскиот претседател Владимир Зеленски, Кремљ негираше дека Путин му дал конкретни уверувања на Макрон.

Ваквата неповолна ситуација, сепак, не го обесхрабри Макрон. Овој вид на шатл-дипломатија, наспроти нејзините изгледи, која навидум честопати е преамбициозна, е карактеристична за францускиот лидер, чии дипломатски интервенции се заштитен знак на неговиот петгодишен претседателски мандат, пишува „Форин аферс“.

– За најразличните прашања од европското управување, до кризите на Средниот Исток, Африка и сега Украина, Макрон се залагаше за брза, екстремно активна надворешна политика. Но резултатите од ваквите напори се со различен успех. Личните обиди на Макрон за решавање на кризите со американското повлекување од нуклеарниот договор со Иран и дипломатскиот спор помеѓу Либан и Саудиска Арабија не доведоа до одржливи резултати, слично како и при обидите за почнување на стратешки дијалог со Русија во 2019 година, без европска поддршка. Ова предизвика сомнеж меѓу европските партнери оти францускиот претседател не е посветен на унифицираната европска стратегија, што ги отежна сегашните напори на Франција за посредување во Украина – наведува американскиот магазин.

И македонско-бугарскиот политички спор беше опфатен во надворешнта политика на Макрон. При посетата на Загреб во ноември минатата година, францускиот претседател истакна дека ќе се работи на стабилизирање на ситуацијата помеѓу Македонија и Бугарија.

– Во месеците кои доаѓаат, ќе се обидеме да сториме повеќе за стабилизирање на ситуацијата помеѓу Бугарија и Северна Македонија – кажа Макрон за време на неговата посета на Загреб.

Франција има визија за создавање на област на мир, стабилност и соработка на Западен Балкан, за засилување на протокот на луѓе и за создавање на европски простор, како што посочи францускиот претседател Емануел Макрон. А за таа цел, францускиот претседател ќе се обиде да ја стабилизира ситуацијата помеѓу Бугарија и Македонија, пренесе тогаш „Еурактив“. Набргу потоа француските амбасадори во Скопје и во Софија најавија дека Макрон ќе преземе чекори за олеснување на дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.

Макрон има и амбициозна програма за шестмесечното француско претседателство со Советот на ЕУ, која укажува на сериозноста на Франција да работи на стратегиската автономија на ЕУ, и тоа на сите полиња: на безбедносен, политички, економски и енергетски план. Во програмата јасно е кажано и дека регионот на Западен Балкан, а со тоа и Македонија, е предвиден во заедничката иднина на „новиот европски поредок“.

Додека бара реизбор на претседателските избори во април, се јавуваат нови прашања за целите на надворешната политика на Макрон, која честопати ги остава збунети набљудувачите. На моменти тој одава впечаток на бескомпромисен преговарач кој ги остава настрана нормите и протоколите на дипломатијата, со верба дека неговиот политички талент сам по себе може да ги реши конфликтите. А во други прилики Макрон изгледа како посветен мултилатералист кој се обидува да промовира соработка, како на пример за климатските промени, заклучува „Форин аферс“.