Неопходна е реалност во надворешнополитичкиот реализам

Дали актуелната криза во Украина беше предизвикана од недостиг од реализам во надворешната политика на САД? Според некои аналитичари, либералната желба за ширење на демократијата е она што го поттикна проширувањето на НАТО до границите на Русија, што доведе рускиот претседател Владимир Путин да се чувствува сè позагрозен. Гледано од оваа перспектива, не е изненадувачки што тој би одговорил со барање за сфера на влијание аналогно на она што САД некогаш го имаа во Латинска Америка со својата Монрова доктрина.
Но постои проблем со овој реалистичен аргумент. Одлуката на НАТО од 2008 година да ги покани Грузија и Украина на крајот да се приклучат на Алијансата тешко може да се нарече либерална, ниту пак беше поттикната од либералите. При изнесувањето такви аргументи, реалистите укажуваат на последиците од Првата светска војна, кога либерализмот на американскиот претседател Вудро Вилсон придонесе за бирократска и идеалистичка надворешна политика, која на крајот не успеа да ја спречи Втората светска војна.
Според тоа, во 1940-тите, научниците како Ханс Моргентау и дипломатите како Џорџ Кенан ги предупредуваа Американците дека отсега натаму мора да ја засноваат својата надворешна политика на реализам. Како што објасни Моргентау во 1948 година, „државата нема право да дозволи нејзиното морално неодобрување на прекршувањето на слободата да се најде на патот на успешната политичка акција“. Или, според поновите зборови на политикологот Џон Мершајмер од Универзитетот во Чикаго: „Државите функционираат во свет на самопомош во кој најдобар начин да се преживее е да се биде што е можно помоќен, дури и ако тоа бара водење безмилосни политики. Тоа не е убава приказна, но нема подобра алтернатива ако опстанокот е главна цел на земјата“.
Кога реалистите го опишуваат светот како да не постојат морални избори, тие само го прикриваат сопствениот. Опстанокот можеби е на прво место, но тешко дека е единствената вредност што вреди да се одржи. Во поголемиот дел од меѓународната политика денес воопшто не станува збор за опстанок. Паметниот реалист можеби нема да го повика НАТО да го прошири членството со Украина, но ниту би поддржал целосно напуштање на таа земја. На крајот на краиштата, паметниот реалист знае за различни видови моќ.
Ниту еден претседател без моќ не може да води дома ниту во странство, но моќта е многу повеќе од бомби, куршуми или ресурси. Постојат три начини да ги натерате другите да го прават она што го сакате, а тоа е принуда (стапчиња), плаќање (моркови) и привлечност (мека моќ). Целосното разбирање на моќта ги опфаќа сите три аспекти.

Ако другите во светот поврзуваат земја со одредени морални позиции, тоа признание ја дава мека моќ. Но бидејќи меката моќ бавно дејствува и ретко е доволна сама по себе, лидерите секогаш ќе бидат во искушение да ја применат цврстата моќ на принуда или плаќање. Тие мора да имаат на ум дека, кога се користи сама, цврстата моќ може да предизвика повисоки трошоци отколку кога е комбинирана со меката моќ на привлекување. Римската Империја не се потпираше само на своите легии туку и на привлечноста на римската култура.
Во почетоците на Студената војна, Советскиот Сојуз уживаше во голема мера во меката моќ во Европа, бидејќи му се спротивстави на Хитлер. Но тој го изгуби влијанието кога употреби тешка воена моќ за да ги потисне движењата за слобода во Унгарија во 1956 година и во Чехословачка во 1968 година. Спротивно на тоа, САД го комбинираа военото присуство во Европа по Втората светска војна со помош за поддршка на европското закрепнување според Маршаловиот план.
Меката моќ на една земја почива на нејзината култура, нејзините вредности и нејзините политики (кога другите ги сметаат за легитимни). Во случајот на Америка, меката моќ честопати беше засилена со наративите што американските претседатели ги користат за да ја објаснат својата надворешна политика. На пример, Џон Ф. Кенеди, Роналд Реган и Барак Обама ги оформија своите политики на начини што привлекоа поддршка и дома и надвор, додека Ричард Никсон и Трамп беа помалку успешни во добивањето на наклонетоста на оние надвор од САД.

Во светот на суверени држави, реализмот во креирањето на надворешната политика е неизбежен. Но премногу реалисти застануваат тука, наместо да признаат дека космополитизмот и либерализмот често имаат нешто важно да придонесат. Според тоа, реализмот е неопходна, но недоволна основа за надворешна политика.
Тука станува збор за количество. Бидејќи никогаш не постои совршена безбедност, администрацијата мора да одлучи колкав дел од безбедноста ќе биде гарантиран пред да вклучи други вредности како слобода, идентитет или права во својата надворешна политика. Изборите на надворешната политика често ги спротивставуваат вредностите наспроти практичните или комерцијалните интереси, како на пример кога САД одлучуваат да им продаваат оружје на авторитарни сојузници или да ја критикуваат Кина. Кога реалистите ги третираат таквите компромиси како слични на одлуката на Черчил да ја нападне француската флота, тие едноставно ги избегнуваат тешките морални прашања.
Но претседателот Џо Бајден не може да го игнорира ова прашање. Неговиот дипломатски предизвик денес е да најде начин да избегне војна без да ја напушти Украина или вредностите што ја одржуваат меката моќ на Америка и мрежата на сојузи.

Авторот е професор на универзитетот „Харвард“