Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, до Генералното собрание на Европските олимписки комитети поднесе извештај за досегашниот прогрес во однос на тековната организација на европските летни младински олимписки игри „Скопје 2025“.
– Со голема поддршка од Европскиот олимписки комитет и од сите национални олимписки комитети, извештајот за овој амбициозен проект беше оценет како исклучително успешен – информираат од МОК.
МОК, во партнерство со македонската влада и со градот Скопје, како и во партнерство со националните спортски федерации и приватниот сектор, ќе ги организира европските младински олимписки игри „Скопје 2025“, кои ќе се одржат во периодот од 19 до 26 јули идната година, а најдобрите млади македонски спортисти ќе учествуваат во сите спортови што се на програмата на овие игри.
– Овие игри се најголем олимписки мултиспортски настан во Македонија од нејзината независност и веруваме дека младите македонски спортисти ќе го прикажат своето најдобро на овие игри и ќе постигнат високи спортски резултати – велат од МОК. Г.И.