Селекторот Ашаданов, сепак, не ќе може да смета на сите кошаркарки за мечевите со БиХ, в четврток на гости, и со Белгија, в недела дома

Вчера попладне женската сениорска репрезентација на Македонија требаше да ги почне мини-подготовките во СРЦ „Кале“ во Скопје за настап во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), кое годинава треба да се одржи во Израел и во Словенија. Со дуелите со БиХ, на гости в четврток, и три дена подоцна во Скопје со Белгија, македонските кошаркарки предводени од селекторот Александар Ашаданов ќе ги завршат овие квалификации.
Сепак, она што го радува Ашаданов секако е враќањето во репрезентацијата на капитенката Анџелика Митрашиновиќ, но, сепак, не ќе може да смета на сите кошаркарки.
– Подготовките, кои ќе бидат со краток временски рок, до утре, со оглед на тоа дека поголем дел од девојките што играат во странство имаат клупски обврски, за жал, ќе бидат повторно во некомплетен состав. Поради повреди не можам да сметам на Американката Мерит Хемпе и на Матеја Николиќ, а неизвесна и понатаму е Илина Селцова – рече Ашаданов.
Македонките ги загубија шансите за пласман за ЕП 2024, на кое од секоја од 10-те квалификациски групи ќе се пласираат само првата и четирите најдобри второпласирани селекции. Г.И.