И додека Бугарија за нападите врз бугарските клубови во земјава крена врева на највисоко ниво, а бугарското МНР реагира дури и на најмала семејна расправија во Македонија давајќи ѝ примат на меѓудржавен инцидент, сега треба да објасни дали истите критериуми ќе ги примени и во однос на каменувањето на македонскиот културен клуб во Благоевград и дали и ова ќе го оцени како чин на омраза кон македонското малцинство во Бугарија и за тоа ќе ја информира ЕУ

Каменуван македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Непознати сторители во саботата навечер го каменувале македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, при што било искршено стаклото од влезот. Како што информираат бугарските медиуми, бугарската полиција извршила увид и потврдила дека по 21 часот е каменуван излогот на клубот.
Каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград следува по редицата тензични настани предизвикани од бугарска страна, најпрво на чествувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева во Скопје, кога европратеникот Ангел Џамбаски и претседателот на партијата Преродба, Костадин Костадинов, среде македонскиот главен град извикуваа навредливи пароли дека „Македонија е бугарска“ и „еден народ, две држави“.
Ситуацијата дополнително ескалира со инцидентот во Охрид кога лице со бугарско државјанство претепа македонски државјанин со бугарска самосвест, што иницира жестока реакција од страна на официјална Софија, која ги прекина сите заеднички проекти со Македонија, го повлече бугарскиот амбасадор од земјава, а згора на тоа испрати и претседателски авион за преземање на претепаниот македонски државјанин и негово лекување во Софија. За овој инцидент бугарските власти ги информираа и ЕУ, еврокомесарот за проширување Вархеји, како и другите надлежни европски тела, со образложение дека бугарските граѓани во Македонија се цел на омраза и напади.
Ваквата бугарска смислена доктрина за оцрнување на Македонија целосно ја разобличи актуелниот бугарски пратеник и поранешен министер Даниел Лорел во телевизиско интервју.
– Господинот што беше нападнат во Македонија не е бугарски граѓанин. Бугарија треба да ги заштитува пред сѐ своите граѓани. Тој е македонски граѓанин што сега се декларира како човек со бугарска самосвест. Еден од тие што го нападнале е бугарски граѓанин. Се поставува прашањето зошто не зборуваме за него, бидејќи тој има бугарско државјанство и што правиме за негова контрола – изјави Лорел.
И додека Бугарија за нападите врз бугарските клубови во земјава крена врева на највисоко ниво, а бугарското МНР реагира дури и на најмала семејна расправија во Македонија давајќи ѝ примат на меѓудржавен инцидент, сега треба да објасни дали истите критериуми ќе ги примени и во однос на каменувањето на македонскиот културен клуб во Благоевград и дали и ова ќе го оцени како чин на омраза кон македонското малцинство во Бугарија и за тоа ќе ја информира ЕУ, а сторителите навреме ќе ги открие и драконски ќе ги казни.

Бугарија сега треба да реагира и на заканите од страна на првиот човек на бугарската фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, кој на социјалната мрежа Фејсбук нуди награда од 200 евра за оној што ќе ги открие името и презимето на еден од македонските полицајците што во саботата приведоа тројца бугарски државјани на граничниот премин Деве Баир поради нивното агресивно однесување.
За инцидентот со каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград се очекува реакција и од македонското МНР, кое треба реципрочно да реагира исто онака како што реагира и бугарското МНР.
Македонскиот клуб во Благоевград беше отворен лани на 30 октомври. На отворањето на клубот присуствуваа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на Левица, Димитар Апасиев, како и генералниот секретар во претседателскиот кабинет Миле Бошњаковски. Паралелно со отворањето на клубот „Никола Вапцаров“, на плоштадот во Благоевград, кај споменикот на Гоце Делчев, имаше мал протест на приврзаници на бугарската партија ВМРО-БНД, предводени од европратеникот Ангел Џамбаски, познат по радикалните антимакедонски ставови. Џамбаски и приврзаниците ги спречија македонските делегации да положат цвеќе на споменикот. С.Т.