Како фаворити неблагодарно е посебно да издвојам некого, но ако морам, тоа особено го гледам во женска конкуренција, каде што се искусната јуниорка Лилјана Недановска, како и годинашната балканска вицешампионка за кадетки Ива Богдановска. Секако, не е исклучено и дел од другите наши репрезентативци пријатно да изненадат, со малку поволна ждрепка и спортска среќа, вели спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија, м-р Дејан Мицкоски
ПРЕД ВТОРИОТ ЕВРОПСКИ ЈУНИОРСКИ ЏУДО-КУП ВО СКОПЈЕ
На годинашниов Европски јуниорски џудо-куп, кој ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје (9-11 август), официјалното пријавување на учесниците во двете конкуренции веќе е завршено. Составот на репрезентацијата на Македонија има вкупно 19 члена (10 во машка и девет во женска конкуренција), предводени од селекторот Александар Фузевски. Првиот Куп од ваков ранг, во Македонија се одржа лани во Скопје (12-16 август), а настапија 223 џудисти од 29 земји. Во однос на евентуални дополнителни промени на бројот на учесниците и земјите, мали се шансите, освен во одредени околности, како на пример евентуална повреда, болест и слично кај некои натпреварувачи. Во македонскиот состав има четворица џудисти и пет џудистки, со право на настапат во две тежински категории.
– Поради тоа што нашиот состав е мешан, поточно половината од нашата селекција е составена од помлади репрезентативци кадети, на кои според процената на селекторот им се дава можност да се изборат во една повозрасна категорија јуниори, а тоа го дозволуваат правилата за натпреварување, во некои од тежинските категории имаме и по двајца пријавени. Тука дополнителен е и фактот што сме домаќини, па ни се дава можност повеќе наши репрезентативци да настапат заради зголемување на искуство од ваков ранг-натпревари, што е дополнителна причина да пријавиме и повеќе учесници во една тежинска категорија – појаснува спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), м-р Дејан Мицкоски.
На ова квалитетно џудо-натпреварување се пријавени натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција или вкупно 269. Вкупно најмногубројна е селекцијата на Грција (27), најмногу џудисти има Грција (19), а џудистки Турција (13). Конкуренцијата очигледно ќе биде жестока.
– Што се однесува до фаворитите, тешко е да се каже кој ќе триумфира, сите држави доаѓаат со различен состав, бидејќи во меѓувреме имаше и друг ранг-натпревари за оваа возрасна категорија, така што само можам да кажам дека, според податоците што ги имаме за учесниците, се очекуваат квалитетни борби и дека тешко ќе биде да се стигне до медал. Впрочем и сега на Олимписките игри во Париз видовме дека дел од фаворитите потфрлија, односно имаше и неочекувани изненадувања – вели Мицкоски.
Сепак, Мицкоски е оптимист што се однесува до настапот на македонските претставници.
– Се надевам годинава ќе освоиме медал. Како фаворити неблагодарно е посебно да издвојам некого, но ако морам, тоа особено го гледам во женска конкуренција, каде што се искусната јуниорка Лилјана Недановска, како и годинашната балканска вицешампионка за кадетки Ива Богдановска. Секако, не е исклучено и дел од другите наши репрезентативци пријатно да изненадат, со малку поволна ждрепка и спортска среќа – потенцира спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија, м-р Дејан Мицкоски.
Свеченото отворање на Европскиот јуниорски куп 2024 е закажан за во сабота (16.30 ч.), во СЦ „Јане Сандански“. Притоа се очекува да се обратат претставник од ЕЏУ, министерот за спорт и претседателот на ЏФМ, а потоа почнува финалниот блок на борбите за медал и нивно доделување по тежински категории предвидени за првиот натпреварувачки ден. Официјална прес-конференција за медиумите, пак, е закажана за в петок (12 ч.) во прес-центарот на СЦ „Јане Сандански“. Г.И.