Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА – ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Машката селекција, по двете победи и еден пораз, денеска ѝ гостува на Белгија, која ја победија во Скопје со 3-1. Македонските одбојкарки, пак, кои по подолго време повторно настапуваат на европската сцена, ги загубија првите три меча во Скопје, а денеска играат на гости со водечката Естонија

Одбојкарските репрезентации на Македонија во Златната европска лига (група Б, мажи) и во Сребрената европска лига (група А, жени), денеска продолжуваат со натпреварите, во кои преостанува да одиграат уште по три. Машката селекција денеска (18 ч.) ѝ гостува на Белгија, а женската игра на гости со водечката во групата, Естонија.
– По двете остварени победи, сега им гостуваме на истите репрезентации, прво во Белгија, а потоа во Хрватска. Во секој случај одиме на две победи против селекциите што ги совладавме во Скопје – вели репрезентативното либеро Дарко Ангеловски.

Одбојкарите остварија победи дома со Белгија (3-1) и со Хрватска (3-2), а загубија од Украина (0-3) на неутрален терен и се втори во групата со пет бода.
– Прво што нѐ одликуваше во првите средби е што покажавме карактер и борбеност во играта. Имавме некои сетови што ги губевме и со пет-шест поени разлика, па се вративме во игра. Второ, системот на одбрана и системот на напад, вкупно играта на целата репрезентација беше на високо ниво – вели Филип Маџунков.

Македонските одбојкарки, кои по подолго време повторно настапија на европската сцена, ги загубија првите три меча во Скопје, од Австрија, Летонија и од Естонија.
– Среќни сме што добивме шанса да учествуваме на едно вакво првенство. Сепак, ова е првпат по повеќе години да се собира сениорската репрезентација и за почеток дојдени сме да собираме искуства, а со секој натпревар да стануваме сѐ подобри. Искуството го собираме со тоа што играме со добри селекции и на европско тло. Се надевам дека следната година ќе играме на повеќе турнири и ќе оствариме одредени резултати – вели репрезентативката Анастасија Овнаровска.

На фајналфор-турнирот во обете конкуренции ќе настапат само првопласираните три селекции од секоја од трите групи. Кај мажите, ако Хрватска биде прва во својата група, тогаш и второпласираната репрезентација ќе игра на тој турнир. Г.И.