Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Синоќа со доделувањето на наградите за животно дело на Петар Темелковски и на Петар Мирчевски, на платото пред ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп започна 57 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
-Со фестивалот растев, од фестивалот го учев и засакував театарот, за фестивалот се градев во својата професионална област. За мене Прилеп секогаш ќе биде првата слика за фестивалот и фестивалот ќе биде првата слика за Прилеп. Затоа нема многу да ги користам зборовите, се надевам овие емоции на благодарност ќе дојдат до секој еден од вас што помогна да ја остварам мојата визија. Сите предизвици, несогласувања, прилепскиот инает, емотивниот поетски крик во мене, сериозниот театролог, трпеливоста на професорката, се претопуваат во благодарноста и радоста што сме денес овде – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ синоќа на отворањето на фестивалот, чие предвестие беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје.
На свеченото отворање му претходеше отворање на ретката родокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот, во ГБ „Борка Талески“.
Отворајќи го фестивалот градоначалникот Борче Јовчески рече дека МТФ е бренд за Прилеп.
Чест прв да настапи на фестивалот имаше Велешкиот театар со претставата „Нема струја за електричниот стол“, за која денес на пладне ќе се водат разговори на тркалезната маса.
Вечерва Театарот „Војдан Чернодрински“ во официјална конкуренција ќе ја изведе претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски од 19.30 часот. Половина час претходно, во холот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на костими и фотографии на Благој Мицевски, на која ќе бидат изложени костими од претставата „Тартиф“ на Народниот театар од Битола, како и странски проекти.
Актерката Ангела Стојановска во 17 часот, во кафе-бар „Лувр“ ќе го изведе перформансот „Срам“ во продукција на „Тиит! Инк.“, а реализирана во соработка со режисерот Милош Андоновски и драматургот Ева Камчевска.
Во 23 часот следува настапот на студентите од Факултетот за драмски уметности, со нивна дипломска претстава.
Од денеска во рамките на фестивалот е достапна и аудиособа во која публиката може да слушне театарска музика на македонски композитори. Ка.М.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“