Македонија шеста, Гавриловски третпат во низа МВП

ЕКИПНО СП ВО КОМПОНИРАЊЕ ШАХОВСКИ ПРОБЛЕМИ

На СП учествуваа 33 репрезентации, со по најмногу три шаховски композиции во секоја од осумте групи, или вкупно имаше 80 двопотези, 69 трипотези, 61 повеќепотег, 68 студии, 86 помошни матови, 65 самоматови, 48 вилински проблеми и 73 ретропроблеми

Македонската репрезентација го освои одличното шесто место на 11. екипно Светско првенство (СП) во компонирање шаховски композиции за 2021-2022 година, остварувајќи го својот втор најдобар пласман досега, по делбата на 5-то и 6-то место на 9. СП, 2012-2013.

Велемајсторот (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски третпат во низа е најуспешен натпреварувач (МВП) на СП, со најмногу поени. На ова освои 93,1, а има 12 проблеми во врвните 20, од кои шест во врвните 10 (вклучувајќи две трети места), што е повеќе од екипните поени на дури 27 репрезентации. Мајсторот Георги Хаџи-Васков освои 4,4 поени, додека капитенот на репрезентацијата, ФИДЕ-мајсторот Никола Столев, и интернационалниот мајстор (ИМ) Златко Михајлоски учествуваа со свои композиции, но не освоија поени.

На СП учествуваа 33 репрезентации, со по најмногу три шаховски композиции во секоја од осумте групи, или вкупно имаше 80 двопотези, 69 трипотези, 61 повеќепотег, 68 студии, 86 помошни матови, 65 самоматови, 48 вилински проблеми и 73 ретропроблеми. Се компонираше на однапред зададени теми, а судиски тимови од пет земји ги оценуваа проблемите од 0 до 4 поени, но за репрезентациите се сметаа само поените на нивните две најдобропласирани шаховски композиции во секоја група. Прва е Словачка, пред Украина, Германија, Србија… Наградите на најдобрите ќе им бидат доделени на Светскиот конгрес на шаховска композиција (12-19 ноември) во ОАЕ.
– Моите и репрезентативните успеси неколку децении го афирмираат угледот на македонскиот проблемски шах и на државата, но тие успеси во сферата на т.н. шаховска поезија, за жал, како да не ги интересираат надлежните органи, од кои нема никакво признание или валоризација, за разлика од посветуваното внимание и доделените средства за практичниот шах, каде што успесите се помали – вели Гаврилоски, кој е вицешампион во групата самоматови на двете последни поединечни СП во компонирање. Г.И.