Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со овој пласман Македонките го задржаа истиот статус што го остварија минатата година, со триумфот во Третата европска зона. Во повисок ранг се пласираа репрезентациите на Хрватска и на Литванија

ТЕНИС – КУП „БИЛИ ЏИН КИНГ“, ВТОРА ЕВРОАФРИКАНСКА ЗОНА

Женската тениска репрезентација на Македонија го освои четвртото место на купот „Били Џин Кинг“ (БЏК), во Втората евроафриканска зона, кој се одржа во Вилнус (Литванија). На тој начин Македонките го задржаа истиот статус што го остварија минатата година (откако триумфираа во Третата европска зона, со што обезбедија пласман еден ранг повисоко), што беше и главна цел на македонската селекција, предводена од селекторот Димитар Лабудовиќ. Во Литванија настапија 11 репрезентации, поделени во три групи.
Во разигрувањето за пласман од четвртата до шестата позиција, Македонија ги совлада репрезентациите на Грузија со 2-1 и на Израел со 2-0 во сетови. Против Грузијките Магдалена Стоилковска ја совлада Зозија Кардава со 2-1 во сетови, а најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа при водство со 1-0 во сетови и одлична игра, противничката Екатерине Горгодзе го предаде мечот поради повреда. Во дуелот во двојки Теона Андова и Ива Данева го загубија дуелот со Натела Џаламидзе и со Оксана Калашникова.
Против селекцијата на Израел, пак, не се играа три меча, оти македонските претставнички славеа во двата дуела во поединечна конкуренција, Стоилковска на мечот со Милка Бучник со 6-2 и 6-4, а Ѓорческа ја надигра Карин Алтори, со убедливи 6-0, 6-0.
Претходно, македонските тенисерки во групна фаза го добија првиот меч против Естонија со 2-1 во сетови, а во вториот загубија од фаворизираната Хрватска со 0-3. Хрватска подоцна го освои првото место и се пласира во повисок ранг, како и селекцијата на Литванија.
Боите на Македонија на турнирот во Вилнус ги бранеа Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и дебитантката Теона Андова. Г.И.