Во меч кое тра­е­ше ре­чи­си три ча­са, Кир­јос сла­ве­ше со 7-6, 3-6, 6-3 и 6-2 и се пла­си­ра ме­ѓу нај­до­бри­те осум­ми­на

ТЕНИС – САД ОПЕН

Австралиецот Ник Кирјос, финалист на годинашниот Вимблдон, го елиминира бранителот на титулата, Русинот Данил Медведев, во одличен натпревар што траеше четири сета, 7-6, 3-6, 6-3 и 6-2, и се пласира меѓу најдобрите осуммина на гранслем-турнирот во Њујорк.
Двајцата тенисери, можеби најдобрите сезонава, претходно ветија и го одржаа ветувањето дека ќе „приредат шоу“ во Њујорк. За речиси три часа жестоко сервирање, удари од основната линија, па и бизарни моменти што ја забавуваа 24.000-та публика на стадионот „Артур Еш“, Медведев забележа 22, а Кирјос 21 „ас“, односно 49 и 53 „винери“.
Следен противник на Кирјос, кој првпат во кариерата е во четврт-финалето на САД опен, ќе му биде уште еден руски тенисер, Карен Качанов, кој беше подобар од Шпанецот Пабло Карена Бусто (4-6, 6-3, 6-1, 4-6 и 6-3).
– Беше неверојатен меч. Даниил е бранител на титулата, имаше голем притисок, но јас играм одлично во последно време. Луѓето почнаа да се сомневаат во мојата способност да играм вакви натпревари на големите турнири. Горд сум на себе оти не беше лесно да се справам со сите критики – изјави Кирјос, кој ќе се врати меѓу „топ 20“ во светот по оваа победа.
Кај жените, по збогувањето со Серена Вилијамс, од турнирот и од тенисот, во фокусот на вниманието во Њујорк е младата, 18-годишна Американка Коко Гаф, која за првпат ќе игра во четврт-финалето на САД опен. Таа беше подобра од Жанг Шуаи од Кина, 7-5 и 7-5, и досега на турнирот нема загубено ниту еден сет. За пласман во полуфиналето, Гаф ќе игра против Французинката Каролин Гарсија, која без поголеми проблеми ја елиминира Американката Алисон Риски-Армитрај, 6-4, 6-1.
За првпат во четврт-финалето во Њујорк, и тоа меѓу себе, ќе играат Австралијката Алја Томљановиќ и Тунижанката Онс Жобер, финалистката од Вимблдон. Томљановиќ, која претходно ѝ стави крај на кариерата на Серена Вилијамс, во осминафиналето беше подобра од Русинката Људмила Самсонова, 7-6 и 6-1, а Жобер од уште една Русинка, Вероника Кудерметова, 7-6, 6-4. Л.Д.