В НЕДЕЛА СЕ ОДРЖУВА БЕРЛИНСКИОТ МАРАТОН
Очекувам многу добра трка, која ќе ги натера сите да се инспирираат, да ги сакаат маратоните и да уживаат во нив, рече Кениецот Елиуд Кипчоге, кој пред четири години во Берлин го истрча најдоброто време на сите времиња во оваа дисциплина, 2:01,39 часа
Двојниот олимписки шампион, Кениецот Елиуд Кипчоге (37), проценува дека нема големи шанси да постави нов светски рекорд на шестиот настап за него на утрешниот маратон во Берлин, каде што пред четири години го истрча најдоброто време на сите времиња во оваа дисциплина, 2:01,39 часа, пишува „Би-би-си“. Оттогаш Кипчоге четврти пат победи на маратонот во Лондон, ја задржа олимписката титула во Јапонија лани и во март годинава триумфира на маратонот во Токио, со четвртото најбрзо време во историјата, 2:02,40 часа.
– Секогаш велам дека не мислам на светски рекорд, но сакам да истрчам добра трка. Ако сѐ биде добро и стане или личен најдобар и светски рекорд, тогаш ќе славам. Не ги знам моите граници во Берлин, но ќе се обидам да истрчам најдобро што можам – вели Кипчоге.
Во 2019 година, Кипчоге стана првиот човек што истрчал маратон под два часа, со неофицијално време од 1:59:40 час во Виена, Австрија. Утре се враќа на познатата брза патека во Берлин, во градот за кој вели дека е „многу добро место“ и каде што светскиот рекорд може повторно да биде соборен.
– Им велам на луѓето, ако сакате да ги надминете своите граници, дојдете во Берлин. На многу спортисти, на следната генерација им покажав дека еден ден човек ќе трча под два часа. Мислам дека сега нема да истрчам под два часа, но во Берлин очекувам многу добра трка, која ќе ги натера сите да се инспирираат, да ги сакаат маратоните и да уживаат во нив – рече Кипчоге.
Негов ривал ќе биде ланскиот победник Геје Адола од Етиопија. Тие беа големи ривали во Берлин во 2017 година. Кипчоге вели дека маратонот е исто толку ментално, колку што е и тактички тежок.
– Ги почитувам сите натпреварувачи, но себеси се сметам за најдобар. Добро тренирав, знам и дека нешто друго може да се случи, но ги почитувам моите тренинзи. Она што се смени можеби е начинот на кој размислувам. Маратоните ги третирам на посебен начин. Менталитетот малку ми е променет за тоа како да се пристапи кон трката, како да се тренира. Маратонот е многу долг настан и ако вашиот ум не може да поднесе трчање долго време, тогаш вашата тактика нема да функционира. Кога вашиот ум е во ред, тогаш и вашите мускули се добри. Затоа се трудам максимално да го убедам мојот ум дека одработив темелен тренинг. Километражата веќе е во моите мускули и сега доаѓа големиот ден за спроведување на сите овие работи – рече Кипчоге. Л.Д.