Норвежанецот победи на три од четирите спуста сезонава и останува во трка за вкупната титула во СК, Клери (41) од Франција го зазеде второто место, а Касе од Италија првпат се искачи на место на подиумот

Откако супервелеслаломот беше откажан во петокот поради временските услови, скијачите во Светскиот куп (СК) во саботата возеа спуст во Вал Гардена (Италија), а Александер Амод Килде (Норвешка) го искористи своето моќно скијање за да ја оствари својата трета победа сезоната во СК, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Норвежанецот, кој победи на три од четирите трки во спуст сезонава, останува на врвот во рангирањето во спуст и е во трка за вкупната титула. Ова беше 34-от подиум во кариерата за Килде.
Јохан Клери (41) од Франција го подобри своето четврто место во спустот во четвртокот, со одлична изведба, и го зазеде второто место. Матија Касе од Италија, пак, првпат се искачи на место на подиумот, пишува ФИС.
– Да ги имаме најстарото момче (Клери) што е со нас толку многу години и новото момче (Касе) на подиумот, кое се бори толку многу години, тоа е неверојатно – рече Килде.
Тоа беше десетти подиум во кариерата за Клери, а само трет од 2021 година. Тој уште ја брка својата прва победа во Светскиот куп.
– Уште се забавувам и не знам како можам да бидам толку брз на оваа возраст. Не е лесно, со стресот и сѐ на ум. Денеска успеав и се надевам дека ќе можам повторно да го направам тоа на следните трки – изјави Клери.
Во генералниот пласман води Швајцарецот Марко Одермат (седми во саботата, заедно со Тревис Ганонг од САД) со 636 бода, втор е Килде со 525, трет Матијас Маер од Австрија со 268. Во спуст, пак, води Килде со 345 бода, пред Одермат со 256 и Клери со 183. Ова беше првпат швајцарската суперѕвезда да не се качи на подиумот во своите осум трки сезонава.