Тој на мечот со Њу Орлеанс постигна 58 поени и стана шестиот најмлад кошаркар во историјата на НБА со над 12.000 коша, по Џејмс, Дурент, Брајант, Ентони и Мекгрејди

КОШАРКА – НБА

Кошаркарот на Феникс, Девин Букер уфрли 58 поени во победата над Њу Орлеанс (118-114) во натпревар од Западната конференција на кошаркарската НБА-лига, што за него е најдобар настап сезонава, но и негов петти натпревар со 50 или повеќе поени, а втор сезонава.
Букер (26) стана првиот играч на тимот од Аризона што го направил тоа, со што ја надмина и бројката од 12.000 поени во неговата кариера, но е само 10-ти активен играч со ваков ефект, а шести најмлад во историјата со над 12.000 коша, по Леброн Џејмс, Кевин Дурент, Коби Брајант, Кармело Ентони и Трејси Мекгрејди.
Но тоа не претставуваше и крај на неговите постигнувања, оти кога на овој натпревар го постигна 55-от кош, тој го собори и рекордот на спортскиот центар „Футпринт“ во Аризона.
А тоа го стори благодарение на извонредниот шут од поле 21/35 и за три поени 6/12, со што на најдобар можен начин и ја дополни негативата на Феникс од 24 коша, колку што изнесуваше во еден момент, по што потоа Феникс славеше во возбудлив финиш.
По ова коло, во Источната конференција води Бостон (22 победи, осум порази), пред Милвоки (21-8), а во Западната конференција прв е Мемфис (19-10), пред Њу Орлеанс (18-11). Г.И.