Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (7)

Вредностите на сопствената традиција и култура воопшто се единствено значајни и тие не можат да се споредуваат со никаква друга култура и други вредности. Тоа значи дека сѐ додека не се отвори процесот на меѓукултурно и меѓуетничко влијание, не може да се надмине и процесот на етничката сегрегација во просторот на градот

Пописите на населението на градот Скопје во периодот од 1948 до последниот попис во 2002 година ги покажуваат просторната концентрација и сегрегација на населението во одделни делови и општини од градот. Се разбира, промената на просторната организација на градот не секогаш се однесува на иста територија од првиот попис до последниот, но тоа суштински не ги менува основните сознанија и тенденции на распределеноста на населението во однос на етничката припадност во текот на шеесетгодишниот развој на градот, особено на неговиот развој по деведесеттите години на минатиот век.
Во првиот попис од 1948 година на градот Скопје е даден само вкупниот број на население и во него отсуствува етничкиот состав на населението. Со пописот од 1953 година како еден од белезите на населението се појавува етничката припадност. Во градот Скопје во наведениот пописен период живееле 148.040 жители, од кои мнозинството го сочинува етничко македонско население, поточно 93.671 или 63,3 отсто се припадници на македонската етничка група, а следни по бројноста во градот се: турската со 17,1 отсто, српската со 6,4 отсто, ромската со 5,8 отсто и албанската етничка група учествува со 3,7 отсто, додека припадниците на другите помали етнички групи учествуваат со 3,4 отсто од вкупното население.
Од резултатите од пописите од 1953 година до 1961 година може да се заклучи дека во градот Скопје е забележан пораст на македонското население за 4,9 отсто, кај албанското население пораст од 3,6 отсто, додека кај српското се забележува незначителен пораст, а за 5,9 отсто се зголемува бројот на другите етнички групи, притоа видлива е тенденцијата на опаѓање на населението кај турската етничка група за 8,9 отсто.
Пописот од 1971 година покажува пораст на вкупното население во градот, како и значителен пораст на населението од македонска, албанска и српска етничка група во градот. Според процентуалната застапеност во градот, 68,75 отсто се припадници на македонската етничка група, 9,7 отсто на албанската, 6 отсто на турската, 5,4 отсто на српската, 5,05 отсто на ромската и 5,1 отсто припадници на другите етнички групи. Кај македонската етничка група е забележи пораст од 0,5%, а кај албанската етичка група од 2,4%, за разлика од турската каде што е регистрирана тенденцијата на опаѓање на нивниот број поради нивното масовно иселување во Република Турција.

Во периодот што следува, до наредниот попис од 1981 година, продолжува поинтензивен пораст на населението што домува во градот Скопје. Пораст се забележува кај македонската, албанската, ромската и српската етничка група, додека значителен пад се бележи кај припадниците на турската етничка група. На овој попис повторно се бележат податоци за влашката етничка група. Според процентуалната застапеност во градот: 69 отсто се припадници на македонската етничка група, 11,9 отсто на албанската, 5,5 отсто на ромската, 4,3 отсто на српската, 3,3 отсто на турската, 0,3 отсто на влашката, додека 5,7 отсто се припадници на другите етнички групи. Во овој период се забележува незначителен пораст кај македонската етничка група, од 0,25 отсто и пораст од 2,2 отсто на албанската и незначителен пораст кај другите етнички заедници.
На повторениот попис од 1994 година, поради бојкотот на пописот од 1991 година од страна на албанската етничка заедница, е регистриран пораст на населението во градот на: македонската, албанската, турската и влашката етничка група, како и мал пад на населението на ромската и српската етничка група. Според резултатите од овој попис се забeлежува пораст на македонската етничка група, која учествува со 73 отсто во вкупното население, но и на другите етнички групи, кои и пред тоа имаа забележано значителен пораст, и тоа со 13 отсто на албанската, 4,5 отсто на ромската, 3,7 отсто на српската, 2,1 отсто на турската, 0,5 отсто на влашката, 3 отсто припаѓаат на другите етнички заедници.

Според пописот на населението од 2002 година, градот Скопје продолжува демографски да се зголемува. Од податоците може да се забележи пораст на припадниците на македонската етничка група, но и енормен пораст на албанската етничка група помеѓу двата пописа на населението. Во периодот од 1994 до 2002 година, бројот на албанската етничка група порасна за 13.497 жители. Кај другите етнички групи е регистриран незначителен пораст, а кај некои и намалување.
Според пописот од 2002 година може да се забележи дека: 71,22 отсто припаѓаат на македонската етничка група, 15,3 отсто на албанската, 5 отсто на ромската, 3 отсто на српската, 2 отсто на турската, 1,4 отсто на бошњачката, 0,5 отсто на влашката, а 2 отсто припаѓаат на другите етнички групи. Во периодот помеѓу пописите на населението од 1994 и 2002 година се забележува: тенденција на опаѓање од 1,78 отсто на припадниците на македонската етничка група, а тенденција на пораст на албанската од 2,3 отсто, како и на ромската етничка група од 0,5 отсто. Опаѓање се бележи кај следниве етнички групи: кај српската за 0,7 отсто, кај турската од 0,2 отсто, а за 1 отсто се намалува бројот на припадниците на другите етнички групи.
Во однос на верската припадност, од вкупниот број на населението во 2002 година, 73,4 отсто припаѓаат на православното население, а 23,5 отсто на муслиманското. Другите неколку проценти припаѓаат на католичката, протестанската и другите верски заедници. Кога распределеноста на населението во однос на верската припадност се набљудува во однос на единиците на локалната самоуправа (општините), тогаш јасно е препознатлива концентрацијата на муслиманското население во неколку подрачја, и тоа во Чаир (според старата територијална поделба), Центар, Сарај и Шуто Оризари, значително присуство во општината Бутел и речиси отсутно или со мал процент во другите делови.

Во анализата на феноменот на сегрегацијата врз основа на верската и етничка припадност поаѓаме од следното.
Прво, во Скопје е присутен релативно висок степен на групирање на населението врз етничка, национална и религиозна припадност, кој се исполнува пред сѐ во отсуство на населението на албанската и ромската националност во одделни делови од градот и во нивна претежна или исклучива концентрација само во неколку дела (населби).
Второ, ромската етничка група главно е концентрирана во неколку поголеми населби (Топаана, Шуто Оризари) и во десетина локалитети што сочинуваат делови од населби во кои живее население од други национални групи. Иако територијално припаѓаат во рамките на населби што сочинуваат посебни социо-просторни целини, тие слабо комуницираат со припадниците на другите националности што живеат во населбата и целосно се социјално и просторно изолирани.
Трето, во постземјотресниот период, во неколку локалитети на стариот дел од градот, кој во минатото бил населуван претежно од население со муслиманска вероисповед, се изврши голема инфилтрација на албанското и муслиманското население и за релативно краток период се формирани етнички хомогени населби (локалитетите Чаир, Гази Баба, Стара чаршија, Топаана, Дижонска, ул. Бошњачка и др.).
Албанското население главно е сконцентрирано на територијата на општината Центар, каде што учествува со 21,4 отсто во вкупното население, односно 42,4 отсто од вкупното албанско население во градот е концентрирано во оваа општина.(Според територијалната поделба прeд 2004 год.) Во општината Чаир учествува со 18,1 отсто, а тоа е повеќе од една третина од вкупното албанско население. Најмалку е застапено во општините Кисела Вода, со 1,4 отсто (градскиот дел) и во општината Карпош со 6,5 отсто. Концентрацијата на ромското население претежно е во рамките на општината Чаир, каде што учествува со 20,2 отсто, односно, во оваа општина се концентрирани две третини од вкупното ромско население во градот.
Во еден извештај на ОН, подготвен за Скопје по земјотресот од 1963 година, е забележано следното: дека етничките групи Турци, Шиптари и Цигани, што живеат во северниот дел од градот, му даваат многу поголема важност на местото на нивното живеалиште отколку на техничкиот стандард и опременоста на становите. Поради ваквиот однос може да се очекува дека ова население нема да сака да ги напушти своите куќи откога ќе почне програмата за расчистување и тие, секако, не ќе сакаат финансиски да учествуваат во новата станбена изградба, особено ако тие спаѓаат во групата жители со најниски приходи и се под влијание на традициите. (Основен Урбанистички план, Извештај подготвен за ОН како извршна агенција на специјалниот фонд на ОН, Полсервис Варшава и Завод за урбанизам и архитектура Скопје. Кн. 15 стр. 60.)

Илија Ацески

(Продолжува)