Фото: Игор Бансколиев

Во споменатиот учебник постојат повеќе примери на фактографски грешки. Меѓу другото, можеме да прочитаме дека стариот век (античка историја) е историски период што започнал со пронаоѓањето на првото писмо во петтиот век пред нашата ера, со што се изнесува погрешен податок, односно средниот век се поместува десет века поназад

НЕ СТИВНУВААТ РЕАКЦИИТЕ ЗА НОВИОТ УЧЕБНИК ПО ИСТОРИЈА И ОПШТЕСТВО ЗА ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ

Не стивнуваат реакциите за учебникот по Историја и општество за петто одделение што е подготвен според новата наставна програма, која е фундирана во новиот концепт за основно образование, концепт што своевремено беше критикуван како нерелевантен од повеќе високообразовни и научни институции. Според повеќемина познавачи и експерти, учебникот има голем број фактографски грешки, грешки во наративот и нагледноста. Дополнително, некои од историчарите и универзитетските професори посочуваат дека учебникот на овој начин како што е конципиран ја релативизира македонската национална историја, односно нештата се премногу воопштени и македонските ученици не можат да се запознаат со минатото на Македонија и македонскиот народ. Од другар страна, од Бирото за развој на образованието ни посочија дека учебникот е наменет за наставници што немаат стручно познавање од историјата и историските процеси, како и од географијата. Со свој став излегоа и авторите на учебникот, кои истакнаа дека грешките настанале во текот на финалната подготовка, грешки што за жал не биле забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминале сите филтри. Од Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека Министерството и Педагошката служба почнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои, секако, не смееја да се дозволат. Според информациите што ги добивме од Бирото за развој на образованието, постојат законски основи за повлекување од употреба на учебникот од наставата.

Какви учебници, такво образование

Во споменатиот учебник постојат повеќе примери на фактографски грешки. Меѓу другото, можеме да прочитаме дека стариот век (античка историја) е историски период што започнал со пронаоѓањето на првото писмо во петтиот век пред нашата ера, со што се изнесува погрешен податок, односно средниот век се поместува десет века поназад. Во учебникот по Историја и општество за петто одделение исто така може да се прочита дека почетокот на новиот век (модерната историја) започнува со откривањето на парната машина, а историски завршува со почетокот на Првата светска војна. Меѓутоа новиот век, во согласност со академскиот консензус прифатен низ светот, започнува со појавата на печатницата на Гутенберг и ренесансата.
Од Бирото за развој на образованието ни посочија дека учебникот воопшто не дава одговор на пет клучни методолошки прашања што еден наратив треба да ги одговори, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто. Според информациите што ни беа посочени, современото образование изискува развој на критичко размислување, кое не може да се добие од текстовите во споменатиот учебник. Дополнително се доведува во прашање и нагледноста на учебникот, кој е богато илустриран, но најголемиот дел илустрации се многу матни и со лош квалитет, со што не можат да го поттикнат интелектуалниот интерес кон темата.

Реакции на училишниот кадар, научната фела и родителите

Авторите на учебникот јавно истакнаа дека веднаш по констатираните грешки, писмено се обратиле до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста, се вели во соопштението. Меѓутоа наставниците и училишниот кадар и понатаму сметаат дека учебникот треба целосно да се отстрани од наставата. Васко Гичевски, историчар, вели дека учебникот изобилува со грешки и неточности. Грешките се десетици и не се однесуваат само на темата „Историја и праисторија“. Според Гичевски, во конкретната тема се направени грешки во хронологијата, периодизацијата на историјата, употребени се несоодветни датуми на археолошки објекти, се содржат нелогичности од типот: „Откритието на тркалото исто така придонело за побрз развој на заедниците во кои живееле праисториските луѓе. Тркалото од каменото време немало некоја позначајна улога врз развојот на општеството, бидејќи го користеле како тркало за изработка на глинени садови“.
– Самиот пристап кон историјата во овој концепт е деградирачки и историјата е сведена на низа поими и факти што децата треба да ги усвојат. Накратко, според концептот и програмата, историјата се третира како фактолошка збирка со кратки објасненија. Круна на сето ова е што учебникот, кој е изработен, за и онака лошиот концепт и програма, е полн со неточности. За жал, ова ги покажува односот на државата кон образованието и односот на политичките елити кон професионалците, кои секогаш навремено реагирале – вели Васко Гичевски.
Со своја реакција за учебникот излезе и проф. д-р Весна Јаневска, која истакна дека во споменатиот учебник е посочено дека Монт Еверест е висок дури 29.035 метри (8.849 м), а Мртво Море се наоѓа 1.400 метри под морското ниво (427 м).
– Инаку, нашата земја на исток се граничи со Албанија, а на запад со Република Бугарија – вели Весна Јаневска.
Реагираа и родителите на децата што треба да учат од овој учебник. Според нив, недозволиво е децата да учат од учебникот, бидејќи во иднина нема да имаат никакво познавање од историјата и географијата.
– Станува збор за деца што сѐ уште не можат сами да расудуваат. Само замислете доколку овие факти им се врежат во меморијата. Тие ќе бидат на потсмев доколку не знаат со кого се граничи Македонија на исток или запад. Од друга страна, децата нема да научат ништо за сопственото минато, како што е борбата за слобода во 19 век или антифашистичкото движење – вели Игор Косески, родител на дете што треба да учи од споменатиот учебник. Д.Ст.