АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП ЗА МАЖИ

Свеж снег ја преполни патеката на најпрестижната станица за спуст во Светскиот куп во алпско скијање, во австриски Кицбил, поставувајќи прекрасна сцена за тркачите во саботата, пред 40.000 гледачи, а Александар Амод Килде (Норвешка) уште еднаш излезе како победник, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Килде имаше самоуверена, речиси беспрекорна трка за да победи со 67 стотинки предност пред 42-годишниот Јохан Клери (Франција). Тоа беше огромно отскокнување за водечкиот во поредокот за спуст, по разочарувачкото 16-то место на првата трка во спуст во Кицбил, во петокот, пишува ФИС.
Ова е седма победа сезонава за Килде и втора на познатиот спуст во Кицбил и тој сега има 38 подиуми во Светскиот куп во кариерата. Петти пат Клери стигнува на подиумот во Кицбил и вторпат како вицешампион зад Килде сезонава. Подиумот го заокружи уште еден ветеран, 34-годишниот Тревис Ганонг (САД), 28 стотинки зад Клери. На оваа трка Беат Фојц (Швајцарија) ја заврши својата легендарна кариера. Водечкиот во Светскиот куп, Марко Одермат (Швајцарија, 1.186 поени, 225 повеќе од второпласираниот Килде) не стартуваше откако се повреди во трката во петокот, во која победи Австриецот Винсент Крихмаер.
Во Светскиот куп за скијачи вчера на програмата беше слаломската трка во Кицбил.