Фото: ЕПА

Британецот сега има 35 етапни победи на Тур де Франс, една повеќе од петкратниот шампион Еди Меркс од Белгија

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Британецот Марк Кавендиш (39) влезе во спортската историја откако го собори рекордот за вкупен број етапни победи на престижната велосипедска трка Тур де Франс, откако ја забележа 35-та, во петтата етапа годинава, која заврши со спринтерски финиш. Со тоа тој го надмина легендарниот Белгиец Еди Меркс. Историското достигнување доаѓа една година откако Кавендиш имаше тежок пад во осмата етапа, по што се откажа од трката околу Франција.
– Тур де Франс е поголем од велосипедизмот. Го сакам Тур, сакам да се тркам – рече Кавендиш по триумфот, пишува „Би-би-си“.
Кавендиш, кој има 17 етапни победи на Џиро д’Италија и три на Вуелта, а беше и светски друмски првак во 2011 година, беше израмнет со Меркс, откако ја освои својата 34-та етапа во 2021 година (првата ја оствари во 2008 г.). Лани требаше да биде негов 14-ти и последен настап на оваа трка, но сонот да ја заврши кариерата со рекорд го мотивираше да направи уште едно враќање. Одложувајќи ги плановите за пензионирање за уште една година, Кавендиш, кој веќе се смета за најдобар спринтер на сите времиња, сега го освои признанието.
– Денес сите имаат насмевка, дури и Еди Меркс. Сите мислеа дека е предоцна, освен Кавендиш. Тоа е прекрасна приказна. Тој е жолтата маичка на спринтерите – рече директорот на годинашнава трка, Кристијан Прудом.
Во објава на социјалните мрежи, Меркс, кој ја освои титулата на Тур де Франс пет пати, помеѓу 1969-1974 година, напиша: „Честитки Марк за оваа историската трка. Добро момче што го подобри мојот рекорд на Тур“.
Меркс победуваше на етапи од 1969 до 1975 година, што значи дека тој го држеше рекордот речиси половина век. Французите се следни на оваа листа, Бернар Ино, исто така петкратен победник, имаше 28 етапни успеси од 1978 до 1986 година, Андре Ледик, двократен првак во 1930-тите, 25 победи, од 1927 до 1938 година, Андре Даригад 22 победи во 1960-тите, но без вкупен триумф на Тур де Франс… Вчера се возеше шестата етапа, која им даваше нова шанса на спринтерите на рамната патека од 163,5 км. По пет етапи водеше Словенецот Тадеј Погачар, пред Белгиецот Ремко Евенепул (плус 45 секунди) и ланскиот победник, Данецот Јонас Вингегард (плус 50 секунди). Г.И.