Фото: Емил Јовановиќ

Магнус Карлсен е на врвот од јули 2011 година. На светската листа за шахистки, неприкосновена е Кинезинката Јифан Хоу. На македонската машка рејтинг-листа, меѓу првите 100 и понатаму води Кирил Георгиев, а и кај шахистките, меѓу 42 на листата, прва и понатаму е Весна Секуловска

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА МАРТ

Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830 рејтинг-поени) уште е број еден во светот на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), каде што е на врвот од јули 2011 година. Втор е Американецот Фабиано Каруана (2.804 рејтинг-поени) и е единствениот друг шахист, покрај Карлсен, што има рејтинг од над 2.800 поени на листата за март.
Меѓу првите 10 има само две мали поместувања. Американецот Хикару Накамура освои еден поен, а Индиецот Вишванатан Ананд се подобри за три поени, што беше доволно да напредува од 12-то на 10-то место и сега е пак број еден во Индија. Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров, кој имаше повеќемесечен пад на ранг-листата, сега се поправи и со новите 12 поени (2.734) се врати меѓу првите 20, односно е на 19-то место.
На листата за шахистки, неприкосновена е Кинезинката Јифан Хоу (2.632), пред нејзината сонародничка и светска првенка Ју Венјун (2.559), а трета е Русинката Александра Горјачкина (2.553), која ја помина Индијката Химпи Конеру (2.546), која сега е петта.
На македонската машка рејтинг-листа (ФИДЕ) за март, меѓу првите 100 и понатаму води Кирил Георгиев (2.545), а и кај шахистките меѓу 42 на листата, прва и понатаму е ЖФМ Весна Секуловска (2.067). Кај шахистите во однос на февруари најмногу поени (88) освои Александар Зашевски (1.930), кој од 96-то се искачи на 85-то место. Во врвот има една промена, ИМ Филип Панчевски (2.437) го помина ВМ Александар Чоловиќ (2.433) и сега е трет. Кај шахистките, освен четири што имаат ист рејтинг како и во февруари, 38 освоија нови поени (30 дури и над 100 поени), а најмногу Тамара Јовановска 1.409 (+394).
Македонија меѓу шахистите остана на 58-то место (меѓу 202 држави) со ист рејтинг (2.425, според просекот на првите 10 шахисти), а Македонија на листата за шахистки падна за едно место и сега е 59-та (1.951) иако има 32 поена повеќе. Кај мажите водат САД (2.724), пред Индија (2.715) и Кина (2.684), а кај жените прва е Кина (2.475), пред Индија (2.422 -6) и Украина (2.386). Г.И.


ВОДЕЧКИ НА РАНГ-ЛИСТАТА НА ФИДЕ

МАЖИ
Магнус Карлсен 2.830
Фабиано Каруана 2.804
Хикару Накамура 2.789

ЖЕНИ
Јифан Хоу 2.632
Ју Венјун 2.559
Александра Горјачкина 2.553

МАКЕДОНИЈА, ШАХИСТИ
Кирил Георгиев 2.545
Трајко Недев 2.474
Филип Панчевски 2.437

МАКЕДОНИЈА, ШАХИСТКИ
Весна Секуловска 2.067
Моника Стојковска 2.057
Габриела Коскоска 1.993