Да се разбере значи да се биде слободен!

Како држава и општество сѐ повеќе личиме на апсурдните ликови од пиесата „Крај на играта“ од нобеловецот Семјуел Бекет. Некој може да го доведе под знак прашалник нашето резонирање, но вистината вели дека Македонија е земја на апсурдот, како што се апсурдностите во образованието! Зошто? Во рамките на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постои Филозофскиот факултет, прва високошколска установа во македонската држава. Но колку и да звучи чудно, во учебната 2022/2023 година само еден студент завршил на Институтот за филозофија. Каква глупост! Само замислете, имаме установа што е именува како филозофски факултет, а само еден завршен филозоф. Ова, секако, се должи на современите текови и поголем интерес за информатичките науки или медицината, но несериозно е за едно општество да ја занемари филозофијата како наука!

Се вели дека филозофијата во суштина е изучување на мудроста, но што е мудроста? Наједноставната дефиниција вели дека мудроста или разумноста е способност да се размислува и донесуваат заклучоци врз основа на знаења, искуства, разбирања и здрав разум. Оттука, мудроста е неразделно поврзана со непристрасното расудување, но и со доблестите, како што се етиката или добронамерноста. Мора да се има предвид и дека мудроста се разликува од знаењето (свесност за фактите или практичните вештини). Историјата ни потврдува дека знаењето се пренесува од една на друга генерација преку образованието, а знаењето е суштинско за напредокот на човештвото. Еднаш стекнатото знаење, не може да исчезне никогаш, затоа се вели дека знаењето има моќ за напредување, односно позитивна промена, но таа промена и напредување се само од технолошки аспект. Од друга страна, филозофијата уште од самиот нејзини почеток, уште од првите филозофи, воопшто не се изменила, односно мудроста како мудрост е една и неменлива во изминативе илјадници години. Споредувањето помеѓу знаењето и мудроста е неопходно и тие се неразделни. Од овој аспект, легендарниот музичар Џими Хендрикс рекол: „Во суштина, знаењето говори, а мудроста слуша“.
Филозофијата (мудроста) слуша затоа што ја бара вистината, а филозофите низ вековите развиле разбирања за одредени суштествени нешта за човековото битисување. Оттука, мудроста има слобода да запраша дали одредена идеја има логика (логична поврзаност) или да поставува прашања од етичка природа, прашања што се однесуваат на позитивните или негативните својства на генетските истражувања или вештачката интелигенција. Филозофијата како наука е неразделен дел од човековата егзистенција затоа што човекот не може да постои без мудроста. Во таа смисла, филозофијата е разбирање дека мудроста доаѓа од вистината, а вистината доаѓа од реалноста. Оттука, не случајно филозофијата се изучува на универзитети во Кембриџ или Оксфорд, еднакво со инженерството, технологијата, медицината, менаџментот, економијата итн.

Затоа не треба да се зачудуваме дека влијанието на филозофијата во современиот свет е многустрано и сестрано, влијание што ги опфаќа политиката, економијата, историјата, уметноста итн. Ова е особено забележливо за моќните политички ентитети, како што се Соединетите Американски Држави или Европската Унија, а видливо во делата на Александар Кожев или Лео Штраус.
Но каде сме ние во оваа приказна? Како држава и општество сѐ повеќе личиме на апсурдните ликови од пиесата „Крај на играта“ од нобеловецот Семјуел Бекет. Некој може да го доведе под знак прашалник нашето резонирање, но вистината вели дека Македонија е земја на апсурдот, како што се апсурдностите во образованието! Зошто? Во рамките на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постои Филозофскиот факултет, прва високошколска установа во македонската држава. Но колку и да звучи чудно, во учебната 2022/2023 година само еден студент завршил на Институтот за филозофија. Каков апсурд! Само замислете, имаме установа што е именува како филозофски факултет, а само еден завршен филозоф. Тоа, секако, се должи на современите текови и поголем интерес за информатичките науки или медицината, но несериозно е за едно општество да ја занемари филозофијата како наука!
Да се навратиме. Филозофијата има сеопшто значење и влијание, филозофите ја проверуваат логичната поврзаност и поставуваат прашања што никој друг не ги поставува. Во таа смисла беше и резонирањето дали придавката северна пред Македонија е мудра, доколку се земе предвид дека од името на државата може да се изведе и името на народот. Во многу поинаква ситуација ќе бевме доколку придавката северна беше пред Република Македонија.

Во тој случај немаше да може да се изведе името на народот и немаше да бидеме сведоци на навредите од типот северномакедонскиот премиер или северномакедонските фудбалери. Филозофијата и филозофите се насушна потреба на секое современо општество, тие се проверувачи на вистината (реалноста), без разлика дали таа ни се допаѓа или не.
Како општество и држава мора да собереме сили и да не дозволиме апсурдна ситуација, ситуација во која македонското општество ќе биде лишено од филозофијата и филозофите. Филозофот не може да биде загрозен вид, затоа што на тој начин се лишуваме од мудроста, а без мудроста се доведуваме во глупави ситуации како што беше промената на уставното име на Македонија, без да размислиме за логичноста на таа одлука. Да завршиме со Барух Спиноза, кој вели: „Највисоката активност што едно човечко суштество може да ја постигне е учењето за разбирањето, бидејќи да се разбере значи да се биде слободен“.