ШАХ – ПО ОСМИОТ ТРИУМФ НА ТУРНИРОТ ВО ВАЈК АН ЗЕ

Актуелниот светски првак победи по рекорден осми пат на еден од најстарите турнири во светот и освои нови три поени на патот кон својата цел да стигне до рејтинг од 2.900 поени
Актуелниот светски шаховски првак Магнус Карлсен (рејтинг 2.865, рангиран прв во светот), по осми, рекорден пат триумфира на турнирот во Вајк ан Зе (Холандија), еден од најстарите турнири во светот (се играше по 84-ти пат), освојувајќи 9,5 поени од 13 партии. Норвежанецот славеше со 1,5 поен повеќе од Азербејџанецот Шахријар Мамедјаров (рејтинг 2.767) и од Унгарецот Ричард Рапорт (2.763). Карлсен ќе си замине од Вајк ан Зе со три поени за моментно да стигне до рејтинг од 2.868 поени во класичен шах, на патот до посакуваниот рекорден рејтинг од 2.900 поени.
– Мислам дека имаше многу добри моменти на турнирот. Имав девет победнички позиции, а пет од нив ги реализирав, што е веројатно за една или две помалку, но има многу позитиви, особено во споредба со последните неколку години, кога не играв добро. Огромниот број шанси што ги добив, секако, делумно се должат на тоа што моите противници играа малку послабо од вообичаено, но и јас успеав да создадам повеќе од нормалното. Вкупниот резултат плус пет е одличен и повеќе од доволен за победа на турнирот, но секогаш постои онаа мисла дека можеше да биде уште подобро. Тоа ќе мора да биде другпат. Генерално сум задоволен – рече Карлсен, кој на турнирот ги победи Мамедјаров, Рапорт, Холанѓанецот Аниш Гири, Индиецот Прагнанада и Русинот Данил Дубов.
Пласман: Карлсен 9,5, Мамедјаров и Рапорт по осум, Гири 7,5, Карјакин и Ван Форест по седум, Есипенко и Каруана по 6,5, Дуда и Видит по шест, Шанкланд и Прагнанада по 5,5, Гранделиус 4,5, Дубов 3,5 поени. Г.И.