Фото: Емил Јовановиќ

ШАХ – ЛЕТОВО ВО БАКУ

Со вкупно 206 играчи во отворениот дел, плус 103 во женска конкуренција, овој настан ќе биде со награден фонд од 2,5 милиони долари, што е и најголем на кој било шаховски настан одигран досега во светот. СП со нокаут-систем се игра секои две години. Најдобрите тројца ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак

Светското првенство (СП) во шах во машка и во женска конкуренција, што се игра по нокаут-систем секои две години, годинава ќе се одржи по 10-ти пат, во Баку (Азербејџан), од 30 јули до 24 август. Веќе се потврдени имињата на 146 од 206 шахисти и 71 од 103 шахистки. Целиот список ќе биде познат од 15 до 30 јуни, по завршувањето на Зонските турнири и периодот кога федерациите имаат право да ги поднесат своите номинации.

На чело на листата, пак, е шахистот број еден во светот, Норвежанецот Магнус Карлсен, кому победа на СП по овој формат е една од ретките што му недостига, што секако ќе биде и поттик повеќе за него. Неговиот најдобар резултат досега беше во Сочи во 2021 година, кога беше елиминиран во полуфиналето од Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда, победникот на тоа СП.

Втор носител ќе биде вицешампионот на двата последни меча за светски првак и двапати победник на Турнирот за кандидатите, Русинот Јан Непомнијашчи. Тој на последното учество во Ханти-Мансијск во 2019 година стигна до четвртото коло, каде што беше поразен од Кинезот Ју Јангји, а потоа реши да го прескокне Сочи за да се фокусира на подготовките за мечот за светски првак во Дубаи. Фабиано Каруана, Аниш Гири, Весли Со, Максим Вашер Леграв, Тимур Раџабов и Шахријар Мамеѓаров се следни на листата. Раџабов триумфира на СП 2019, а играњето на домашен терен сигурно ќе биде дополнителна мотивација. Десетти носител е Индиецот Домарају Гукеш (17), кој ги предводи младите сили Нодирбек Абдусаторов (18), Рамешбабу Прагнананда (17) и Винсент Кејмер (18).

Прва носителка на СП за жени ќе биде Индијката Хампи Конеру, која е број два на светската ранг-листа, зад Хоу Јифан и само еден поен пред актуелната светска шампионка Ју Венјун од Кина. Венјун беше неизвесна за овој настан оти треба да ја брани титулата пред СП (од 5 до 25 јули), против нејзината сонародничка Леи Тинџие.

Останува само да се види дали Венјун ќе пристигне во Баку како актуелна светска првенка. Александра Горјачкина, Катерина Лагно и бранителката на титулата од претходното СП, Русинката Александра Костењук, ги комплетираат најдобрите пет.

Со вкупно 206 играчи во отворениот дел, плус 103 во женска конкуренција, овој настан ќе биде со награден фонд од 2,5 милиони долари, што е и најголем на кој било шаховски настан одигран досега во светот. За многу играчи СП е првата и единствена можност да влезат во трката за титулата светски првак, оти тројцата најдобри ќе се пласираат во следната фаза, а тоа е Турнирот на кандидатите. Ова е за едно место повеќе од претходното издание во Сочи, од каде што се квалификуваа само финалистите. Г.И.