Од првиот ден тој донесе многу дополнителна енергија во тимот, многу дополнителна мотивација. Ако водите со пример, многу е едноставно да се води, вели директорот на тимот Мајк Крак

ФОРМУЛА 1

Придонесот на Фернандо Алонсо за скокот на Астон Мартин на подиумот во Формула 1 сезонава е „нешто што не смееме да го потцениме“, вели директорот на тимот Мајк Крак, пренесува „Би-би-си“. Алонсо освои три подиуми на три трки во почетокот на сезонава, за да го искачи Астон Мартин, кој лани беше седми, на второто место во шампионатот за конструктори, зад Ред Бул. Крак вели дека 41-годишниот двократен шампион имал трансформативен ефект врз тимот, кој исто така направил голем чекор напред со својот болид.
– Од првиот ден тој во тимот донесе многу дополнителна енергија, многу дополнителна мотивација, онаков каков што е тој и начинот на кој пристапува. Тој е многу, многу позитивен. Ако водите со пример, многу е едноставно да се води. Ако кажете „тимот мора да притиска, но јас сум на плажа“, многу е потешко да се натера тимот да турка отколку ако возачот е исто така таму. Фернандо е прв таму наутро и заминува последен. Тоа се мали нешта, каде што како тим сфаќате: „Ах, еве некој што е сериозен во тоа што го прави“. Така ги инфицира сите. Тоа ни помага да ги извлечеме последните 5-10 отсто од сите, бидејќи ако видите дека возачот турка толку многу и ако возачот е веќе толку мотивиран, ќе бидете и вие – вели Крак.

НЕВЕРОЈАТЕН ВОЗАЧ

Директорот Том Мекалоу вели дека економичноста на јазикот и прецизноста на изразувањето на Алонсо исто така биле од голема важност додека тимот се обидувал да го разбере и да почне да го развива својот автомобил.
– Тој има богато искуство и е многу ефикасен со тоа како зборува и што сака од болидот, од тимот, од сѐ. Затоа, кога зборува, вреди да се слуша. Тој навистина сака овој проект да функционира. Тој знае да зборува на начин на кој луѓето што слушаат ќе го разберат и ќе реагираат. И тоа е навистина голема вештина – вели Мекалоу.
Напредокот на Ф1-тимовите обично е прашање на мали чекори напред преку постојан и стрплив раст. Новиот директор на тимот на Вилијамс, Џејмс Воулс, го истакна токму тоа на отворањето на сезоната во Бахреин, кога разговараше за големината на задачата со која се соочува во својата нова улога по префрлањето од Мерцедес. Кога му беше посочено на Воулс дека Астон Мартин направил чекор во перформансите со големина што ретко се гледа, неговиот одговор беше: „Тие имаат неверојатен возач“.
Но возачот, без разлика колку е добар, на крајот се дефинира со перформансите на неговиот болид, а напредокот на Астон Мартин е многу повеќе од ангажманот на Алонсо. Напредокот се појави по четири години инвестиции и реструктуирање, фокусирани на голема програма за регрутирање. Крак е една од неколкуте високи личности што му се придружија на Астон Мартин по преземањето на тимот Форс Индија од канадскиот милијардер Лоренс Строл во 2018 година. Строл го преименува тимот во Рејсинг поинт, пред да го ребрендира во Астон Мартин во 2021 година, по неговото преземање на британската компанија за спортски автомобили.
Тимот беше седми во 2021 и во 2022 година. Но дури и тие статистики прикриваат колку далеку стигнале за една година. Алонсо ја помина минатонеделната трка во Австралија во трка со Луис Хамилтон за второто место. Спротивно на тоа, Астон Мартин лани замина од Мелбурн, како што вели Крак, „последен во првенството најблиску до најбавниот автомобил“. Тоа доведе до преоценување, што кулминира со подобрени перформанси сезонава.
– Мислам дека можеби другите уште не се на 100 отсто. Намерно велам „уште“. Ова ни овозможи да го направиме тој скок од седмото на второто место, но веројатно е повеќе четири-пет, можеби една-две позиции, во зависност од тоа како другите ја завршиле својата работа – вели Крак.
Тоа е фер поента, но доста го потценува достигнувањето на Астон Мартин, пишува „Би-би-си“. Во текот на последните четири трки од 2022 година Астон Мартин беше во просек 1,546 секунда по круг побавен од Ред Бул во квалификациите. Во првите три трки сезонава тој јаз е намален на само половина секунда, пишува „Би-би-си“.

ПОИНАКОВ НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ

За напредок на тим што се бори во средината, до редовен во трката за подиуми, бара многу поинаков начин на размислување.
– На крајот на минатата година рековме: „Ќе треба да научиме повеќе да не бидеме аутсајдери“. Тоа е нешто за кое треба многу да разговарате со луѓето, треба да го решите на сите нивоа. Ова е процес што не се менува за еден ден. За да го постигнете тоа, треба да имате неколку успешни моменти. Моменти за да ја изградите вашата самодоверба и довербата во вашиот тим, а не да правите нови иновации – вели Крак.
Мекалоу, кој е со тимот речиси 10 години, истакнува дека успехот не е целосно непознат. Рејсинг поинт беше претендент за подиумот и во 2020 година, дури победи на трка со Серхио Перез во Бахреин на крајот на годината. И Мекалоу вели дека јадрото на тимот е исто, без оглед на значајните промени на раководно ниво. Од една година помината прво во борба во задниот дел на трката, а потоа навлегувајќи кон предниот дел од средниот ред, тимот сега редовно освојува подиуми и е свесен за фактот дека победата е реална можност годинава. Тоа е извонредно достигнување само по себе, но тимот, а особено сопственикот Строл, сака повеќе.
Прашајте го Крак каква е реакцијата на Строл на овој новооткриен успех, а тој со насмевка вели: „Што мислите? Референците се целосно променети. Лоренс е Лоренс, ова е новото нормално. Како можеме да стигнеме до врвот? Лоренс не е момчето што ни вели: Направивте добар чекор или сега го имаме ова и ќе видиме како ќе продолжиме понатаму? Не, не. Како да стигнеме оттука до каде што тој сака да оди што е можно побрзо?“. Н.М.