Од македонските натпреварувачи утре ќе настапи и Оливера Наковска-Бикова, во дисциплината воздушен пиштол (П2) од 10 м, во која првите двајца обезбедуваат директна квота за ПОИ 2024
СТРЕЛАШТВО
Александар Јовановски со 544 круга го освои 34-то место, а Ванчо Каранфилов со 540 круга е на 41-то место, во дисциплината воздушен пиштол (П1) од 10 метри, во конкуренција на 52 натпреварувачи на Светското првенство (СП) за параолимпијци, кое се одржува во Ал Аин, Обединетите Арапски Емирати. На СП 2022 учествуваат 267 стрелци од 54 држави од сите континенти во 27 спортски дисциплини.
– Очекував малку повеќе погодени кругови од нашите натпреварувачи, меѓутоа тие стрелаат само една дисциплина што, пак, дополнително го зголеми притисокот врз нив, па и двајцата од таа причина направија по неколку грешки во текот на натпреварот и не успеаја да стрелаат во својот оптимум, кој во моментов е помеѓу 550 и 555 круга – ни изјави селекторот на македонската параолимписка репрезентација, Бранимир Јовановски.
Првото место во оваа дисциплина го освои Кореанецот Јеонгду Јо (235,7), втор беше Италијанецот Шимон Совински (233,1), а трет Узбекистанецот Сервер Ибрагимов (213,3).
Од македонските натпреварувачи утре ќе настапи и Оливера Наковска-Бикова, во дисциплината воздушен пиштол (П2) од 10 м, во која првите двајца обезбедуваат директна квота за ПОИ 2024. Таа имаше еден настап на ова Светско првенство, во дисциплината П3-спорт пиштол од 25 метри, каде што го освои 19-то место со 550 погодени круга, во конкуренција на 32 натпреварувачи. Г.И.