Јовановски ќе се бори за една од преостанатите две олимписки норми на 50 метри пиштол слободен избор, за пласман на ПОИ 2024

СТРЕЛАШТВО

Македонската параолимписка репрезентација во стрелаштво ги заврши предвидените подготовки пред заминување на претстојното Европско првенство (ЕП), кое ќе започне денеска и ќе трае до седми јуни во шпанскиот град Гранада.
На ова ЕП, Александар Јовановски ќе се бори за исполнување на една од преостанатите две олимписки норми во дисциплината 50 метри пиштол слободен избор, за пласман на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз 2024 година. За Оливера Наковска-Бикова, пак, овој турнир е од престижен карактер, бидејќи таа веќе обезбеди олимписки норма. Но истовремено ќе претставува и нова можност да освои уште една титула во нејзината досегашна богата колекција на трофеи и наедно добар тест пред учеството на ПОИ во Париз, годинава.
– Ме очекува уште еден тренерски напорен настан, на кој ќе се обидам да го извлечам најдоброто од македонските репрезентативци на натпреварите на кои ќе настапат и заедно да ја постигнеме целта. Се надевам успешно – вели Бранимир Јовановски, тренер и селектор на македонската параолимписка репрезентација во стрелаштво. Г.И.